Италија денеска го живее првиот ден во целосен карантин и тој генерално се почитува, јави дописникот на МИА.
Веднаш по објавата на италијанските власти за карантинот, граѓаните тргнаа во маркетите по храна и средства за хигиена, па така многу продавници останаа без овие производи. Рестораните се отворени од 6 до 18 часот, а скратено работно време имаат и маркетите.
Откажани се сите спортски, културни и образовни активности. Да излегуваат од дома имаат дозвола само оние кои имаат неодложни работни, семејни или медицински обврски.
Италијанските власти преку средствата за јавно информирање им даваат насоки и објаснувањеа на граѓаните зашто е важно да се остание дома. Во целата кампања се вклучија и јавните личности, кои пред се на социјалните мрежи ги повикаа луѓето да останат дома и на тој начин директно да помогнат во борбата со коронавирусот.
Дополнително Владата во Рим апелираше и до компаниите, доколку е тоа можно да ги ослободат луѓето од доаѓање на работа и работните обврски да ги извршуваат од дома.