Во организација на Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен денеска по шести пат симболично се одбележува Денот на раѓањето на Свети Јован Кристител – 7 јули или кај народот попознат како Иванден. Овој ден, според ресенчани, има посебно значење во преспанскиот регион.

Пред многубројните гости беше прикажан обичајот кој со децении наназад се практикува во Преспа.  Според традицијата, на 5 јули се формираат групи од девојчиња кои ги посетуваат сите куќи од своето маало. Собираат брашно, масло, шеќер, грав и други продукти, кои на крајот се носат во една куќа. На 6 јули се прават повеќе обредни активности. Утрото почнува со берење камилица, која се користи за правење на куклата Иванка и се прави ручек во куќата каде претходно биле однесени продуктите. На 7 јули Иванден, кога е и крајот на ова празнување, куклата Иванка се растура на најблиската ливада.

– Манифестацијата не навраќа на нашите корени и традиции, а токму поради таквата вредност е поддржана од Министерството за култура, во годишната програма. Обичајот „Иванка“ е дел од летните обредни празнувања кој е најкарактеристичен за територијата на Преспа. Облекувањето на куклата Иванка, секогаш одговарало со начинот на облекување на локалното население, изјави Васко Василевски, директор на Домот на културата.

Тие што изработија кукла Иванка од општината беа наградени парично со по 500 денари. На крајот од манифестацијата присутните имаа можност да вкусат посно гравче, и друга посна храна подготвена од здружението против дискриминација „Женска солидарност“ и здружението на овоштари „Благој А. Котларовски“ кои се коорганизатори на настанот.

Манифестацијата „Иванка“ беше збогатена и со музичка програма на која настапија Јовче Воденичаровски на гитара, Гоце Милошевски на пијано, Лила Миљовска на пијано и Сандра Чаловска, учесничка на фестивалот Си-До во Битола.