Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, ги прими Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на Народната банка на Република Македонија и Димитар Богов, досегашен гувернер на НБРМ.
Претседателот Иванов, како што соопшти денеска неговиот Кабинетот, на Ангеловска-Бежоска и го честиташе нејзиното именување за гувернер на Народната банка на Република Македонија, посакувајќи и успех во работата.
– Водењето на монетарната политика и севкупното централнобанкарско работење во нашата држава, во континуитет е позитивно оценувано во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија. Имајќи ја предвид вашата професионална биографија и досегашно работно искуство, уверен сум дека ќе продолжи континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика на Република Македонија, рече претседателот Иванов на средбата.
Во оваа пригода, тој му се заблагодари на Богов за успешното водење на НБРМ во изминатите седум години, оценувајќи дека со неговиот ангажман даде значаен придонес во исполнувањето на предвидените цели и задачи на Народната банка.
– Со вашата работа, дадовте значаен придонес во водењето на монетарната политика, постигнувањето и одржувањето на ценовната стабилност, во одржувањето на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем и во поддршката на општата економска политика, во согласност со принципот на отворена пазарна економија. Верувам дека со вашето професионално искуство ќе продолжите да давате натамошен значаен придонес во интерес на Република Македонија, рече претседателот Иванов на средбата.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска се заблагодари на претседателот Иванов за дадената доверба и изрази очекување дека по преземањето на функцијата од Богов ќе продолжи континуитетот на успешно управување и функционирање на Народната банка.
На средбата Богов му се заблагодари на претседателот Иванов за дадената доверба, поддршката и успешната соработка во изминатите седум години.