Политичката, безбедносната, економската, транспортната и дигиталната поврзаност се неопходни за нашите компании да бидат поконкурентни на глобалниот пазар, нашите држави поуспешни во создавањето услови за просперитет на младите, а нашите региони поатрактивни за директни странски инвестиции.
Ова го истакна претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на самитот Босфор, што денеска и утре се одржува во Истанбул во Турција.
– Тоа е клучно за одржлив мир и развој за сите, рече Иванов.
Осврнувајќи се на предизвиците со кои денес се соочуваат економиите, претседателот Иванов ги посочи малите пазари за големите компании.
– Како што границите на Балканот се разгрануваа, така граничните премини се мултиплицираа, а пазарите се ситнеа, подвлече македонскиот претседател. Вториот предизвик, според него, е големиот одлив на стручен кадар.
– Како држави ние успеавме да го затвориме балканскиот мигрантски коридор за илегалните мигранти. Но, никако да успееме да ја спречиме миграцијата на нашите млади. По сè изгледа дека илегалните мигранти и нашите млади имаат едно нешто заедничко, а тоа е нивната дестинација – најразвиените европски центри. Таму можат да ги реализираат своите бизнис-идеи и да ги остварат своите животни планови. Нашиот регион се празни. Си заминуваат оние кои со своите таленти, образование и вештини создаваат реална вредност. Цената ја плаќаат и државите и компаниите, рече Иванов.
Третиот голем предизвик, додаде претседателот Иванов, е застарениот начин на функционирање на дел од компаниите.
– Иако веќе сме во првиот век на третиот милениум, некои од компaниите во регионот сè уште функционираат според правилата од вториот милениум. Ризикуваат да станат некомпетентни, а со тоа и неконкурентни на глобалниот пазар, рече македонскиот претседател.
Според Иванов, за да се надмине регионалната фрагментираност, неопходна е политичка и безбедносна поврзаност. За Балканот тоа подразбира членство во Европската Унија и во НАТО.
– Европската Унија беше најуспешен мировен проект што ги мобилизираше државите и општествата од Балканот. Ние доброволно се менуваме поради трансформирачката моќ на Унијата. Но, заморот од проширувањето кај нас создаде замор од чекање и наместо да се бавиме со реформи, ние почнавме да се бавиме со самите себе. Затоа, неопходно е Европската Унија час поскоро да ги започне преговорите за членство со Република Македонија, рече претседателот Иванов.
Говорејќи за предизвиците во регионот, претседателот Иванов оцени дека е потребна економска и транспортна поврзаност, како и дигитална трансформација на застареното функционирање.
– Кога нашите држави и економии ќе се поврзат, тогаш нашиот регион ќе стане една економска зона, со многу повеќе можности за нашите млади кадри, рече македонскиот претседател.
Тој додаде дека за рамноправно да се вклучиме во европскиот економски простор, неопходно е да сме рамноправен дел и од европските и евроазиските патни, железнички и енергетски коридори.
Целта на Самитот Босфор, кој се одржува под покровителство на Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, е да обезбеди платформа за дијалог и да ја поттикнува економската соработка меѓу државите.