Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Хашемитското Кралство Јордан, денеска во Аман, остварил средби со премиерот на Кралството Јордан, Омар Разар, со претседателот на Сенатот, Фаисал Ел-Фајез, со спикерот на Претставничкиот дом Атеф Таравнех, како и со членови на Претставничкиот дом.
На средбата со јорданскиот премиер Разар, претседателот Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, истакнал дека уште од воспоставувањето на дипломатските односи, Република Македонија се стреми кон стабилни и пријателски релации со Хашемитското Кралство Јордан.
Македонскиот претседател изразил надеж дека со интензивирањето на политичкиот дијалог, ќе се отвори можност за натамошна идна соработка во сферата на економијата, безбедноста, културата и образованието, преку потпишување на меѓу-владини договори и унапредување на правната рамка.
Претседателот Иванов и премиерот Разар размениле мислења и во однос на бегалската и мигрантската криза и се осврнаа на предизвиците на Блискиот Исток и на состојбите во Европа. Во тој контекст, македонскиот претседател го поздравил важниот придонес што Кралството Јордан го има во рамките на хуманитарниот аспект на кризата и згрижувањето на бегалците, нагласувајќи дека Република Македонија ги поддржува напорите за постигнување на траен мир на Блискиот Исток.
На средбата со претседателот на Сенатот, Фаисал Ел-Фајез и со спикерот на Претставничкиот дом Атеф Таравнех, претседателот Иванов изразил уверување дека оваа официјална посета ќе ѝ даде нов импулс на севкупната соработката меѓу Македонија и Јордан во сите сфери од заеднички интерес и дека меѓусебното пријателство ќе продолжи да се развива. Иванов го истакнал фактот дека се поставени темелите за сеопфатна и партнерска соработка на долг рок. Првите луѓе на јорданскиот парламент ја изразиле подготвеноста за унапредување на парламентарна соработка меѓу Република Македонија и Хашемитското Кралство Јордан.
Вчера, претседателот Иванов во Кралската палата Ал Хусеин во Аман, со највисоки државни и воени почести беше пречекан од кралот на Јордан, Абдула Втори Ибн Ал Хусеин. На средбата било потврдено пријателството меѓу Република Македонија и Кралството Јордан.