Претседателот Ѓорге Иванов денеска имаше средба со Метју Палмер, заменик-помошник секретар во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави.
Како што соопшти неговиот кабинет, Иванов изразил очекување дека ќе продолжи американската поддршка за надворешно политичките цели и приоритети на Република Македонија – интеграцијата во евроатлантските структури, НАТО и ЕУ, добрососедските односи и регионалната соработка.
– Република Македонија останува целосно посветена на исполнување на политичките критериуми за членство во НАТО и ЕУ. Процесите на интеграција се клучни за стабилноста и благосостојбата на земјата и се во интерес на целиот регион, порачал македонскиот претседател.
На средбата биле разменети мислења за актуелните состојби во Република Македонија, како и за тековните случувања во процесот на разговорите за надминување на разликата околу името.
Претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија ќе продолжи конструктивно да учествува во разговорите, но дека процесот мора да остане во рамката утврдена од страна на Обединетите нации.
На средбата со Палмер, претседателот Иванов уште еднаш ја истакнал потребата за почитување на обврските од Уставот и законите со цел информирање за текот на разговорите и посочил дека очекува да му биде одговорено на барањето за достава на предлог-пакетот за решавање на спорот и белешките од паралелните разговори помеѓу министрите за надворешни работи и премиерите на двете земји.
Двајцата соговорници се согласиле за натамошно зацврстување, збогатување и унапредување на стратегиското партнерство меѓу Република Македонија и САД.