Претседателот Ѓорге Иванов во своето последно традиционално годишно обраќање пред пратениците во Собранието побара мнозинство да смогне сили и да го отфрли Договорот од Преспа, повтори дека Законот за употреба на јазиците е противуставен и усвоен вон секоја процедура и надвор од надлежните тела, а за актуелната амнестија посочи дека е за обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување.
– Прво се побара поддршка од граѓаните на избори, а дури потоа им се соопшти дека всушност гласале за Тиранска платформа и грчка спогодба. Прво се донесе закон за употреба на јазиците, а дури потоа се најави дека ќе се побарало мислење од Венецијанската комисија. Прво се апсеа пратеници, а дури потоа им се симнуваше пратеничкиот имунитет. Прво се прифати спогодба за името, а дури потоа бев информиран како Претседател на државата. Прво се донесе таа штетна грчка спогодба, а дури потоа граѓаните беа прашани на референдум“, рече Иванов во обраќањето и додаде дека власта прво се согласила на промена на Уставот, а потоа изнудува 2/3 мнозинство, и тоа преку уцена на пратеници.
Тој посочи дека разликата помеѓу неговите помилувања од 2016 година и актуелната амнестија е во целите.
-Мојата цел беше помирување преку помилување, а вашата цел е обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување. Додека јас одлуките за помилувања ги донесов за да спречам хаос во државата, вие, одлуката за амнестија ја носите за да ги озаконите уцените со кои се создава хаосот и се руши правната држава, истакна Иванов.
За гаранциите од премиерот Заев за да му го даде мандатот рече дека нема ден некој да не го праша зошто ги прифатил, а уште повеќе зошто не ги активирал.
-Мојот одговор е дека со неговиот потпис на тие писмени гаранции јас ставив вето на законот за употреба на јазиците и законот за ратификација на спогодбата од Преспа. Со тоа, гаранциите се активирани. А активирани се бидејќи сме соочени со апсурд, порача Иванов.
Иванов со своето обраќање пред македонската јавност докажа дека остана доследен само на својата определба да продолжи да ги дели граѓаните, и ја дополни со конструкции со кои потврди дека живее во свет на заговори, порачаа од Владата на Република Македонија.
– Со сите свои постапки Иванов сакаше да го запре просперитетот, но не успеа. Наместо да го прочита Договорот од Преспа, и да ги поддржи гаранциите за идентитетот и за просперитетот кои ги нуди овој Договор, тој продолжува да шири невистини и омрази, обидувајќи се со тоа да го попречи напредокот на граѓаните на Македонија. Иванов е политичар кој не е посветен на стратешките интереси на државата. Иванов си оди. Тој не успеа и нема да успее да ги попречи интеграциите, напредокот и пријателствата кои ги гради Република Македонија. Иванов може да зборува само за еден единствен неуспех – сопствениот, неуспехот на неговиот мандат, посочија од Владата.
Иванов, додадоа, не верува во сопствената земја и сопствениот народ, а за да го прикрие тоа конструира измислици дека е жртва на некакви активности против него без никаква основа што го претседател заглавен во минатото, пасивен, дефокусиран, без јасно изразена европска и евроатланска агенда.
За владејачката СДСМ добрата вест од обраќањето на Иванов е дека тој си оди, а веќе познатата е дека тој ја потврдил улогата на антизападен и антинароден елемент.
– На дрзок и безобразен начин, Иванов ги навреди, ги понижи и ги деградираше пратениците, а со тоа и сите граѓани. Иванов може да зборува само за неуспехот во неговите два мандата. Во своите два мандата, Иванов ниту еднаш не излезе во јавноста за некое клучно и важно прашање за граѓаните или за интересите на државата. Не кажа ниту еден збор за гушењето на демократијата, молчеше за затворањето на медиумите, за кршењето на човековите права, за криминалот на власта на Никола Груевски. Десет години, Иванов дејствуваше како марионета во рацете на Груевски и свесно одработуваше за него и партиските интереси на режимската ВМРО-ДПМНЕ, изјави вчера портпаролот на партијата Костадин Костадинов.
Од ДУИ, чии пратеници не присуствуваа на седницата, велат дека единствено добро е што Иванов си оди.
Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, оцени дека Иванов во своето обраќање потврдил дека е конзистентен политичар кој држи до принципите.
На Иванов на 12 мај следната година му истекува вториот мандат како претседател на Република Македонија и му прекинува функцијата, бидејќи согласно Уставот нема можност по трет пат да се кандидира за шеф надржавата.