Одзивот на претседателските и парламентарните избори што се одржаа денеска во Турција изнесувал високи 87 проценти, а според првичните резултати, Реџеп Тајип Ердоган и неговата АКП партија се во убедливо водство.
Врз основа на пребројани 30 проценти од гласовите дадени на претседателските избори, Ердоган има 58 проценти, далеку над најблискиот противкандидат Мухарем Инџе со 27,5 проценти. Доколку Ердоган остане над 50 проценти од гласовите, ќе биде избран за претседател уште во првиот круг, по што ќе почне нов мандат со значително зголемени овластувања.
Гласовите на парламентарните избори се бројат со задоцнување во однос на гласовите од претседателските избори. Досега се обработени 10 проценти од гласовите, а АКП на Ердоган води со 53 проценти, пред партијата ЦХП на Инџе со 14,8 проценти. Про-курдската партија ХДП има 7 проценти од гласовите.