Со приближувањето на терминот за одржување на изборите за членови на Европскиот парламент, така се разжестува реториката меѓу трите партии во актуелното мнозинство во ЕУ – десноцентристичката Европска народна партија, левоцентристичката Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната групација Да ја обединиме Европа.
Како главна тема за меѓусебни препукување изминативе денови се наметна прашањето за идното мнозинство во Европскиот парламент. Темата беше отворена по најавите од страна на ЕПП дека по јунските избори би сакале формирање на „проевропска центристичка коалиција“ со социјалдемократите и либералите, но дека партијата на Зелените „не е во нивниот радар“, туку дека не се исклучува можноста за соработка со „партиите од десницата кои сакаат да се оградат од екстремистичката реторика“.
Според сегашните прогнози за исходот од евроизборите, ЕПП, СД и либералите би имале над 400 места во Европарламентот, што би требало да биде доволно за мнозинство за избор на носителите на врвните функции во ЕУ.
Но, на Конгресот на ЕПП во Букурешт во четвртокот при изборот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за водечки кандидат на партијата за евроизборите, против се изјаснија 89 делегати. Според извори во ЕПП, станува збор за делегатите на француската партија Републиканци (ЛР) и на Словенечката демократска партија (СДС), а „постои сомнеж“ дека против гласале и дел од претставниците на шпанската Народна партија (ПП), кои не гледаат благонаклоно на личните врски на Фон дер Лајен со шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез.
Словенечката СДС се смета за блиска до партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, која во 2019 година беше суспендирана од ЕПП, додека ЛР уште претходно најави дека нема да ја поддржи Фон дер Лајен.
– Не ја поддржавме во 2019 година. Нема да ја поддржиме ни на претстојните избори, изјави носителот на листата на ЛР за европските избори, Франсоа-Ксавиер Белами во интервју за радиото Франс Интер, додавајќи дека пред пет години Фон дер Лајен била „кандидат“ на францускиот претседател Емануел Макрон, чија партија Ренесанса е дел од либералното семејство во ЕУ.
Токму ваквите „бунтовнички“ елементи во ЕПП, а слични појави не се исклучени ни меѓу социјалдемократите и либералите, би можеле да го доведат во прашање мнозинството на трите партии во идниот Европарламент.
Дополнително, Макрон досега не се произнесе за кандидатурата на Фон дер Лајен, но „неговиот кадар“ во Европската комисија, еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон во четвртокот во објава на Икс изрази сомнеж дали таа има целосна поддршка од ЕПП.
– Вистинското прашање сега. Дали е можно (повторно) да се довери управувањето со Европа на ЕПП уште пет години или 25 години по ред? Самата ЕПП се чини дека не верува во својот кандидат, наведе Бретон во објавата.
Белами во интервјуто за Франс Интер истакна дека она што е постигнато за време на мандатот на Фон дер Лајен „не одговара на она што Европа го очекува денес“, додавајќи дека од 2019 година во Европскиот парламент е формирано мнозинство што го сочинуваат широк спектар на европратеници од „екстремната левица до макронисти“, кои и служеле на „агендата на ограничувања, сложеност и контрола, особено за земјоделските прашања“. – Дојде време ново мнозинство во Европскиот парламент да ги врати работите на вистинскиот пат, потенцира Белами. Токму идејата за формирање „ново мнозинство“ во Европскиот парламент веќе извесен период особено се заговара од десничарските партии, кои предлагаат создавање на мнозинство „десно од центарот“ во која би влегле ЕПП, либералната „Да ја обновиме Европа“ и десничарската Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).
Можноста за соработка со „некои десничарски партии“ не ја исклучи ни претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, а уште поексплицитен беше и партискиот генерален секретар Танасис Баколас, кој недамна во интервју за „Еурактив“ порача дека партијата ќе ја разгледа можноста за некаква соработка со „здравите елементи од десниот спектар“.
– Треба да видиме кои се оние политички елементи (на десничарските партии) што ги разликуваат од екстремната десница. Ако тие се свртени кон нас, во суштина тоа значи дека сакаат да се разликуваат од екстремно десничарските елементи, кои не ги карактеризираат проевропски, про-НАТО и проукраински начела, изјави Баколис, додавајќи дека е можна соработка за конкретни политики заснована на „прагматизам“.
Самата Фон дер Лајен, пак, истакна дека има „јасни црвени линии“ кога станува збор за соработката со „некои десничарски партии“, но ја остави отворена можноста некои членки на десничарската алијанса Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) да се приклучат на ЕПП.
– Не знаеме кој ќе ја формира ЕЦР по изборите, и кои групи, на пример, ќе ја напуштат ЕЦР и ќе се приклучат на ЕПП, што исто така е можно, рече Фон дер Лајен минатата недела.
Тука, првенствено се споменува можноста за „прелет“ на национално-конзервативната и десно популистичка партија Браќа на Италја (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони од ЕЦР во ЕПП.
Но, водечкиот кандидат на социјалдемократите за европските избори, еврокомесарот за работни места и социјални права Николас Шмит категорично се спротивстави на можноста за премин во мнозинството во Европскиот парламент на Браќа на Италија (ФДИ), која нејзините ривали ја обвинуваат за неофашизам, имајќи ги предвид корените на партијата кои потекнуваат од поранешното Италијанско социјално движење (МСИ), наследникот на Националната фашистичка партија на Бенито Мусолини.
– Нема да правиме компромис со оние кои ги доведуваат во прашање, ги загрозуваат и ограничуваат основните демократски начела и владеењето на правото. Не постои начин за никаков компромис со екстремната десница, рече Шмит.
Генералниот секретар на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), која е доминантна сила во рамките на СД, Џакомо Филибек, коментирајќи ја изјавата на Баколас за можна соработка со „здравите елементи“ од десницата, изјави дека ако бил применуван таков тоа не би довело до проектот за интеграција во ЕУ.
Според Филибек, во редовите на ЕЦР се луѓе како Сантијаго Абаскал од шпанската партија Вокс, кој „повикуваше да се обеси Педро Санчез за нозете“ и како Ерик Земур, лидер на француската партија Повторно освојување, кој е осуден за поттикнување расна омраза, па партии како полската Право и правда (ПиС), која „се противи на правото на абортус“.
Како изговор за премин на некои од членките на ЕЦР во ЕПП се наведува најавата на Орбан дека по јунските избори неговата Фидес би можела да им се приклучи на Европските конзервативци и реформисти.
Полската ПиС ја поддржа таквата идеја, но некои членки на ЕЦР, како Граѓанската демократската партија (ОДС) на чешкиот премиер Петр Фиала се спротивставија на таквата можност. ФДИ на Мелони јавно не се произнесе за ова прашање, но токму зачленувањето на Фидес во ЕЦР, би можело да биде искористено како повод за премин на партијата на италијанската премиерка во ЕПП.
– Ако некои партии ја напуштат ЕЦР затоа што ќе и се приклучи Орбан, дали се уште ќе се сметаат за екстремно десничарски? Тука не зборуваме за влез на овие партии во ЕПП, но не треба да се исклучи нивно дистанцирање од екстремната десница и прагматично гласање заедно со про-ЕУ коалиција, изјави извор во ЕПП, негирајќи дека имало разговори за приклучување на ФДИ кон ЕПП.
Сепак, според него, не треба да се занемари фактот дека Италија е основач на ЕУ и членка на Г7, како и дека евентуалното приклучувањето на ФДИ би и донело на ЕПП значителен број европратеници. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека ФДИ може да се надева на 27 од вкупно 76-те италијански места во Европарламентот.
Според најновите анкети на јавното мислење, ЕПП на евроизборите ќе освои 181 мандат, пред Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 140 и екстремно десничарската група Идентитет и демократија (ИД) со 92 европратеници.
ЕЦР, со ФДИ како нејзина членка, би била четврта со 83 пратенички места, а „вечно третата“ група на либералите „Да ја обновиме Европа“, овој пат ќе се најде на петтото место со 81 пратеник. Натаму следат, групата на Зелените со 49 мандати, пред партијата Левица со 45, додека останатите 44 места би им припаднале на партии кои сега не се членки на ниту една од постојните групации, меѓу кои и се и италијанското популистичко Движење Пет ѕвезди (М5С), поранешната членка на ЕПП, Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан и двете словачки партии исклучени од СД, Насока – социјална демократија (Смер-СД) на премиерот Роберт Фицо и Глас – социјална демократија (Хлас) на претседателот на Парламентот, Петер Пелегрини.
Фото: МИА Архива