Изборот на Доналд Трамп на 39-годишниот републикански сенатор од Охајо, Џеј Ди. (Џејмс Дејвид) Венс за негов кандидат за американски потпретседател и можноста оваа двојка да „ја освои“ Белата куќа во Вашингтон на претседателските избори во ноември, предизвикува дополнителна загриженост во ЕУ околу иднината на посветеноста на САД на европската безбедност.
Политичките убедувања на Венс, кои се оценуваат како мешавина на изолационизмот и економскиот популизам, наидуваат на поддршка од страна на најконзервативните сојузници и поддржувачи на Трамп, но не и на голем број поумерени влијателни републиканци.
Венс важи за еден од најпосветените поддржувачи на агендата на Трамп – „Да ја направиме Америка повторно голема“, особено за делот на трговијата, надворешната политика и миграцијата. Тој е дел од радикалното крило во Републиканската партија кое промовира изолационистички надворешно-политички убедувања под мотото „Прво на Америка“.
Можноста Трамп да се врати во Белата куќа веќе предизвикуваше загриженост во ЕУ, која сега е дополнително зголемена со изборот на Венс за потпретседателски кандидат. Таа загриженост пред се се базира на јавно искажаните противење на Венс на американската помош за Украина.
Венс беше еден од најголемите противници на законот што го усвои американскиот Конгрес за пакетот воена помош за Украина во износ од 60 милијарди долари. Дополнително, во обраќање на Безбедносниот форум во Минхен, Венс се спротивстави на зголемување на средствата што ги одвојува Вашингтон за поддршка на Украина и ја критикуваше, според него, „прекумерната зависност на Европа од САД во сферата на безбедноста“.
Тој оцени дека рускиот претседател Владимир Путин не претставува „егзистенцијална закана“ за Европа, дека Американците и Европејците не можат да обезбедат доволно муниција за да може Украина да ја порази Русија, како и дека војната мора да заврши со „некаков договор со мир“.
– Не, не мислам дека ние треба да се повлечеме од НАТО и не, не мислам дека треба да ја напуштиме Европа. Но, да, мислам дека САД треба повеќе да се фокусираат на Источна Азија. Тоа ќе биде иднината на американската надворешна политика во следните 40 години, а Европа мора да се соочи со тој факт, изјави Венс,
Дополнително, Венс за време на престојот во Минхен избегна да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Има многу лоши момци ширум светот. И јас во моментов сум многу повеќе заинтересиран за некои од проблемите во Источна Азија, отколку за оние во Европа, истакна Венс во обраќањето во Минхен, додавајќи дека „американското безбедносно ќебе“ резултирало со „атрофирање на европската безбедност“.
Ваквите ставови предизвикаа загриженост кај европските лидери и дипломати присутни во Минхен, бидејќи тие отстапуваат од вообичаеното двопартиско единство во САД кога станува збор за трансатлантските односи и безбедносната и одбранбената соработка со Европа.
Дополнително, европски дипломати очекуваат од Венс „да ги турка“ Европејците во уште поголем спор со Пекинг, од оној што постои сега со истрагата на ЕУ за влијанието на кинеските субвенции за серија производи, од електрични возила, па до свинско месо и алкохол.
Венс е роден во јужно Охајо во реонот на Апалачките Планини, кој е еден од економски најсиромашните делови на оваа американска сојузна држава.
Тој стана познат во пошироката јавност по издавањето на книгата со мемоари „Хилбили елегија“ во 2016 година, која стана бестселер. Во ова свое дело, Венс се обидува да ги објасни причините за социо-економските проблеми со кои се соочува неговиот роден град и реонот на Апалачките Планини, каде мнозинството бели Американци од сиромашните работнички слоеви сесрдно гласаа за Трамп на изборните циклуси во 2016 и 2020 година.
Во време на издавањето на книгата, Венс беше решителен во противењето на изборот на Трамп за американски претседател. Но, по службата во Маринскиот корпус и дипломирањето право на Универзитетот „Јеил“, Венс се трансформираше во жесток поддржувач на Трамп, што му донесе победа на изборите за Сенатот на САД во 2022 година.
Фото: Икс/Сенат на САД/МИА Архива