Собранието на Република Македонија вечерва избра нови четворица нови министри во Владата. За нова министерка за правда е избрана Рената Дескоска, за министер за образование и наука Арбр Адеми, за култура Асаф Адеми и за министер без ресор Бардил Даути.
Дескоска беше избрана со 67 гласа „за“ и 23 „против“, Арбр Адеми со 67 „за“ и 25 „против“, Асаф Адеми со 66 „за“ и 23 „против“, а Даути со 65 „за“, 26 „против“ и еден „воздржан“.
Пред гласањето за избор на новите министри премиерот Зоран Заев давајќи одговор на дискусиите на пратениците истакна оти не е вистина дека само политиките за членство во НАТО и ЕУ се политики на оваа Влада. Говорејќи за спорот со името, потенцира дека не е потребно да се оди на референдум, пред да се ратификува евентуален договор со Грција.
– Се знае што е значи ратификација што референдумот, а граѓаните се оние кои ќе одлучат дали договорот е прифатлив. Референдумот ќе биде задолжителен, рече Заев.
И во вечерашниот дел од расправата во врска со владината реконструкција и изборот на четири нови министри пратениците од опозициските партии ја обвинија Владата дека не реализирала ништо од оние ветувања со кои дошле на власт. Владата не функционира добро, посочија тие, а кога ќе го заврши пакетот со името, рекоа, без разлика на епилогот, сите прашања и очекувања на граѓаните ќе дојдат на дневен ред.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Владата ако го тргне настрана проблемот со името и ако се осврнат да видат што сработиле, ќе увиди дека ќе види дека речиси и да нема област во која има успех.
Реконструкцијата, според него, се прави само за да се задоволат некои нови коалициски партнери.
Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека фактот што била правена четири месеци говори оти реконструкцијата е пазар, а како што рече, за да се задоволат сите нови партнери зголемен е и бројот на министри на 26, иако било ветено дека ќе има најмногу 20. Во врска со прашањето со името тој истакна дека ако се ратификува договор со Грција без референдум тоа би било противуставно.
По гласањето за нивниот избор новите министри дадоа свечени изјави.
Собранието на Република Македонија вечерва избра и нови четворица заменици-министри во Владата: за заменик-министер за надворешни работи е избран Андреј Жерновски, за заменик министер за здравство Асим Муса, за заменик министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и за транспорт и врски Садик Беќири.
Како нови коалициски партнери во Владата влегуваат крилото на Беса на Африм Гаши и ДПА, кои имаат министерски места, како и Сојузот на Ромите.