Изгоре детска градинка во северна Германија откако пожарникарите не успеаја да најдат вода за да го стават огнот под контрола поради сувото време и горештините, јави ДПА.

Во двата противпожарни хидранти во близина на градинката во селото Ворден, во провинцијата Шлезвиг-Холштајн, немало доволно вода за гаснење на огнот по неколкуте недели топло и суво време во Германија, изјави локалниот пожарникар Оле Крогер.

Поради тоа, морало со цистерни да се носи вода од место оддалечено неколку километри.

Најверојатна причина за пожарот била изведување на работи со катран, во непосредна близина на градинката, при што се запалила дрвена подлога.

Повеќе од 100 пожарникари учествуваа во гаснењето на пожарот.

Градинката била затворена за време на летниот одмор.