Повеќе од две третини од Американците кои гласаа за Претставничкиот дом не сакаат претседателот Џо Бајден да се кандидира за реизбор во 2024 година, покажуваат првичните резултати од националната излезна анкета, пишува Си-Ен-Ен.
Според анкетата, реализирана од „Едисон Рисрч“ за потребите на Си-ен-ен, повеќе од 70 отсто од независните гласачи и околу 90 отсто од републиканските гласачи наведуваат дека не сакаат Бајден да учествува во кампањата за претседателските избори во САД, што треба да се одржат по две години. Помалку од 60 отсто од демократските гласачи сакаат тој да се кандидира за втор мандат.
Нешто помалку од 60 отсто од независните гласачи имаат негативен став за Бајден и приближно исто толку не ја одобруваат неговата работа како претседател. Меѓу демократските гласачи, само 10 отсто имаат негативен став за него, а малку повеќе не го одобруваат неговиот настап како претседател. Од републиканските гласачи, повеќе од 90 отсто имаат негативен став за Бајден и не го одобруваат како претседател.
Според истражувањето, две третини од независните гласачи и повеќе од 90 отсто од демократските гласачи имаат негативен став за поранешниот претседател Доналд Трамп. Од републиканските гласачи, повеќе од три четвртини имаат поволен став за него.
Си-ен-ен наведува дека независните гласачи сочинуваат околу една четвртина од електоратот, демократските гласачи речиси една третина, а републиканците малку повеќе од една третина.