Партиите од демохристијанско-социјалдемократската влада на Ангела Меркел претрпеа големи загуби на денешните покраински избори во сојузната покраина Хесен.

Според први резултати од излезни анкети, Христијанско демократската унија на Меркел освои 27,9 отсто гласови што е за десет отсто помалку отколку пред пет години. СДП освои 19,9 отсто што е исто така загуба од 10 отсто во споредба со последните покраински избори.

Зелените освоија 19,5 отсто што е најдобар резултат на избори во Хесен.

Алтернатива за Германија за првпат освои 12 отсто гласови и влегува во Парламентот на Хесен во Визбаден.

Либерално-демократската партија освои според првичните резултати 7,5 и Левицата 6,5 отсто гласови.

Според досегашните резултати, актуелната демохристијанско-зелена влада предводена од Волкер Буфиер (ЦДУ) задржа мнозинство во Парламентот.

По изборите во Баварија од пред две недели, каде владејачката коалиција во Берлин претрпе слични загуби, се очекува по изборите во Хесен да има промени во партиите од владејачката коалиција. Аналитичари не исклучуваат ниту излегување на СДП од владата, распад на коалицијата и нови избори.