Изложба на фотографии „Портрети на уметници“ – Ситуацијата е розова, чиј автор е Сашо Алушевски, ќе биде отворена вечер во 20 часот во Изложбениот салон на Културно – информативниот центар во Скопје во рамки на Скопско лето.
Портретите на македонски уметници се изработени на мокар колодиумски процес. Како што посочува авторот, станува збор за фотографска техника од средината на XIX век со која, заради неговата тежина и специфичност, се занимаваат само мал број врвни уметници во светот, а се смета за една од најблагородните фотографски техники, како во однос на нејзината специфична естетика, така и во однос на квалитетот и трајноста на самите фотографии.
Кај нас, додава, до сега никој не се занимавал со ваков вид на фотографија. Оригиналните фотографии се направени на стаклени плочи. Изложениве дела се дигитално испечатени скенови од стаклените плочи.
-Од поширокиот избор на фотографии, избрани се токму овие, од крајно субјективни причини. Фотографиите се настанати во различни контексти. Некои од нив се направени на ликовните колонии Арт Поинт Гумно 2019, Де Ниро 2020, има фотографии од работилницата за колодиумска фотографија на МакеДокс 2018, а повеќето се направени наменски, во студио во Скопје, за да бидат дел од оваа серија. Циклусот беше најавен во 2020 година и го сметам за отворен и може да трае со години, со намера, да се направат портрети на нашите уметници од сите бранши и генерации, на благородна техника и крајно субјективен избор и пристап кон портретираните, вели Алушевски.
Од уметниците е побарано да го искажат сопственото гледање, став кон уметноста, односно она што на англиски би се нарекло „artistic statement“, или нивното гледање на статусот на уметникот во нашето општество, важноста на културата во наш контекст.
-Во голема мерка сето ова стана дополнително занимливо, од причина што, кога идејата беше скицирана, светот сè уште безгрижно се тркалаше во „добробитие“ на капитализмот, а идејата за пандемија беше непозната, барем за поголемиот дел од луѓето. Верувам дека за време на изолацијата, свеста за важноста на културните содржини некако (можеби на подобро?) се промени. Нивните ставови можат да се видат и слушнат на видеот, пишува фотографот за изложбата изразувајќи благодарност на сите кои имале храброст да застанат пред мојот фотоапарат и кои му помогнале во опремувањето на поставката и работата на видеото.