Во новиот салон на Галеријата „КО-РА“, вчеравечер е отворена изложба на педесетина цртежи во акрилик, комбинирана техника на м-р Јасминка Новковска, насловена „Светци“, а од уметницата наречена „Нова современа авангардна симболична уметност“.

По повод отворањето на ова самостојна изложба историчарката на уметност Виолета Калиќ ја истакна „разнородноста во тематската преокупација и разнообразноста на ликовната лексика која, како што рече, ја доживуваме провокативна, контроверзна, фриволна и во секој случај смела со својата најнепредвидлива изразна форма, концептуланоста на знаковниот систем, на композициските сегменти, и колоритната симболика со акцентирана звучност“.

-Овој пат таа не поведува во еден нов свет и повторно со иманентна, автентична интерпретација во духот на нејзината веќе препознатливо автономно градена лексика. Со оваа изложба м-р Јасминка Новковска, инспирирана од вековната сакрална ризница која е воспеана до небесните височини, на најнеочекуван начин успева да го запази, долови и интерпретира духот и пораката на сакралното, навидум преточени во духот на каноните на ововремената лексичка синтагма во која цртежот, бојата и композицијата се преточени во една неочекувана концептуална симболика, која сепак ја доловува суптилноста, мисленоста, експерсијата, звучноста на гестот, милозвучноста или патосот на болката и страдањето,  истакна Калиќ на отворањето на изложбата.

Изложбата ќе биде отворена до 4 јуни.

Јасминка Новковска е родена во Скопје 1975 година. Дипломирала на ФЛУ во Скопје, а специјализација имала на Националната Академија во Софија,  каде ги завршила и постдипломските студии по ликовна уметност. Има студиски престој во Париз. Реализирала неколку самостојни изложби во земјава, Бугарија, Берлин, Њујорк, а учествувала и на бројни групни изложби дома и во САД, Канада. Добитник е на награда за најуспешен млад автор во 2000 година на Музејот на Град Скопје.