Граѓаните со возачка дозвола од „Б“ категорија за автомобил, од денеска имаат право да управуваат мотоцикли со автоматски менувач од категоријата „А1“ со зафатнина на моторот од 125 см3 и чија сила на моторот не е поголема од 11 KW, откако стапија во сила измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Законските измени беа подготвени и поднесени од пратеничичката група на Движење ЗНАМ со поддршка на пратениците од мнозинството, а 8 април годинава беа изгласани со огромно мнозинство во Собранието. Во меѓувреме, траеја администеративните процедури за Правилникот подготвен од Министерството за внатрешни работи, со чие денешно објавување во Службен весник во сила се законските измени.

Како што образложи пратеникот од ЗНАМ Павле Арсовски во Собранието, со законот се придвидува во Македонија возачот кој поседува возачка дозвола од Б категорија да има право да управува мотоцикли со автоматски менувач од категоријата „А1“ откако ќе наполни 23 години и поседува минимум 5 години важечка возачка дозвола од категорија „Б“ и поседува потврда за посета на 4 часовна теоретска обука.

– Како законодавци имавме предвид дека ваквите решенија ќе го поттикнат користењето на помали и поекономични моторни возила, ќе го намалат сообраќајниот метеж во урбаните средини и во голема мера ќе ја подобрат мобилноста на граѓаните. Всушност, користењето на мотоцикли во сообраќајот, освен тоа што во голема мера ќе го олеснат протокот во сообраќајот, претставуваат една од поевтините варијанти за алтернативен градски превоз. Тоа значи дека овозможуваат поголема флексибилност и практичност, особено во урбаните средини каде што сообраќајниот метеж е изразен. Мотоциклите од категоријата „А1“ се практично и економично превозно средство кое зафаќа помал простор и на патиштата и при паркирање – рече Арсовски.

Исто така, потенцира тој, имаат голем придонес во заштитата на животната средина поради минималното испуштање издувни гасови. И она што е најважно, нивото на безбедност се задржува преку дополнителна обука или временски услов за поседување на возачка дозвола.

Во Европската унија од 2006 година во сила е Директивата 2006/126/Е3 на Европскиот парламент и на Советот, каде е регулирано дека државите може да одобрат лицата кои имаат валидна возачка дозвола за „Б“ категорија, да можат да возат и мотоцикли од категоријата „А1“, а под таа категорија спаѓаат мотоцикли со зафатнина на цилиндрите не поголема од 125 см“, со моќност не поголема од 11 KW.

Држави каде може да се управува Мотоцикл до 125 см³ со возачка дозвола од Б категорија може да се управува во Шпанија, Грција, Португалија, Франција, Австрија, Чешка, Белгија, Луксембург, Словенија, Полска…