Американската влада испрати противречни пораки во врска со плановите за стекнување контрола врз Гренланд. Додека Белата куќа не ја исклучува употребата на воена сила, државниот секретар на САД Марко Рубио зборува за потенцијално купување на оваа данска територија.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, вчера изјави дека претседателот Доналд Трамп и неговиот тим разгледуваат низа опции за постигнување на оваа „важна надворешнополитичка цел“.
– Секако, употребата на американската војска е секогаш опција што му стои на располагање на врховниот командант, нагласи Левит.
Од друга страна, државниот секретар Марко Рубио, кој истовремено ја извршува и функцијата советник за национална безбедност, на затворена средба со конгресмените истакнал дека неодамнешната реторика не треба да се толкува како најава за воена инвазија. Според извештаите на „Волстрит Џурнал“ и „Њујорк Тајмс“, кои се повикуваат на упатени извори, примарната цел на Вашингтон останува купувањето на островот.
Трамп веќе побарал од своите соработници да достават ажуриран план за преземање на Гренланд, идеја која тој ја промовираше уште за време на неговиот прв претседателски мандат. Како причина за ваквиот интерес се наведува заштитата на националната безбедност на САД.
Остра реакција од Европа
Седум европски лидери вчера изразија силна солидарност со Гренланд по повторените закани од Трамп. Во заедничката изјава потпишана од лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија, Велика Британија и Данска, се нагласува дека суверенитетот на територијата е неповредлив.
„Гренланд им припаѓа на своите граѓани. Единствено Данска и Гренланд можат да одлучуваат за прашањата што ги засегаат“, се наведува во соопштението, во кое се повикува на почитување на Повелјата на ОН и територијалниот интегритет.
Европските лидери потсетија дека Кралството Данска, вклучително и Гренланд, е дел од НАТО и дека безбедноста на Арктикот мора да се решава колективно со сојузниците.
Данската премиерка Мете Фредериксен упати сериозно предупредување дека каков било напад од страна на САД врз друга земја-членка на НАТО би значел крај на западната одбранбена алијанса и колапс на безбедносната архитектура воспоставена по Втората светска војна.




