Израел воведува целосна блокада на Западниот Брег и ги затвора премините кон Газа пред годишнината од настаните од 7 октомври 2023 година.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денеска објави целосна блокада на Западниот Брег и затворање на премините кон Појасот Газа.

Кац објасни дека блокадата наметната на Западниот Брег ќе биде сеопфатна, врз основа на воени препораки и безбедносни проценки.

Израелскиот министер издаде наредба за воведување општа забрана за движење на Западниот Брег и затворање на преминот Витлеем од 5 до 7 октомври, врз основа на проценка на безбедносната состојба, објави Ал Џезира.

Тој додаде дека нема да има исклучоци за минување низ преминот, освен во вонредни случаи кои бараат претходно одобрение од надлежните органи, додека на персоналот на основните служби и работниците во здравствениот сектор ќе им биде дозволено да поминат.

Ова доаѓа во време кога израелските сили продолжуваат да ги заоструваат процедурите на воените контролни пунктови на Западниот Брег, со претреси и притворања на Палестинци.

Палестинската новинска агенција ВАФА (WAFA) објави дека „израелските окупациски сили денеска ги заострија воените мерки во близина на Рамала и Ал-Бира и затворија неколку патишта и влезови“.

Локални извори објавија дека израелските сили ги затвориле железните порти на влезовите во градовите Наби Салех, северно од Рамала, како и Атара и Ал-Махалил, во близина на Нилин.

Израелската армија, исто така, постави контролни пунктови на влезовите во Абуд, Аин Сиња, Јабруд и Синџил, каде што ги проверуваат личните карти на локалното население, што доведе до големи сообраќајни метежи, објави Ал Џезира.

На 7 октомври 2023 година, палестинската милитантна група Хамас изврши ненадеен и масовен терористички напад од Појасот Газа кон југот на Израел, при што загинаа околу 1.200 лица и притоа зедоа околу 250 заложници, што беше причина за бруталната израелска одмазда и почетокот на разорната војна во Газа.