Израел го суспендираше протокот на хуманитарна помош на север од Појасот Газа, но сè уште дозволува влез од југот, изјавија вчера две официјални лица.

Одлуката е објавена откако беше прикажано видео од маскирани мажи во камиони со помош. Водачите на палестинските кланови рекоа дека нивниот народ ја штити помошта, а не членовите на Хамас.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во заедничка изјава со министерот за одбрана Израел Кац пред два дена изјави дека ѝ наредил на војската да подготви план во рок од два дена за да го спречи Хамас да добие помош.

Тие се повикаа на нови непрецизирани информации дека Хамас прима помош наменета за цивилите во северниот дел на Појасот Газа.

Во среда беше објавено видео на кое се прикажани десетици маскирани мажи, некои вооружени со пушки, но повеќето со палки, како се возат во камиони со помош.

Портпаролот на израелската Влада, Давид Менцер, изјави дека помошта сè уште влегува во енклавата од југ, но не кажа дали доаѓа и од север.

Хуманитарната фондација за Газа, поддржана од САД и Израел, која дистрибуира помош во јужните и централните делови на Појасот Газа, вчера објави на X дека е единствената хуманитарна организација на која ѝ е дозволено да дистрибуира храна во Газа.

Портпаролот рече дека фондацијата е ослободена од дводневната суспензија на испораката на хуманитарна помош во енклавата.

Високата комисија за племенски прашања, кој ги претставува влијателните кланови во Газа, соопшти дека камионите се заштитени како дел од процесот за обезбедување хуманитарна помош што се спроведува „исклучиво преку племенски напори“. Комисијата нагласи дека ниедна палестинска фракција, вклучително и Хамас, не учествува во процесот.

Клановите, составени од проширени семејства поврзани со крвна и брачна врска, се фундаментален дел од општеството во Појасот Газа.

Во Појасот Газа има акутен недостиг на храна и други основни потреби по речиси двегодишната израелска воена кампања предизвикана од нападот на Хамас врз Израел.

Камионите и магацините со помош често се ограбуваат. Очајните и гладни Палестинци често се виновни за ова.

Израел го обвинува Хамас дека краде помош за своите борци или ја продава за да се финансира. Хамас ги негира сите обвинувања.