Изборот на песна на Евровизија во 2019 година ќе се одржува во Израел откако синоќа во Лисабон нивната претставничка Нета Барзилај победи со песната „Toy“ (Играчка).

Право на глас имаа сите 43 земји што учествуваа на годинашниот избор. Гласовите беа од стручни национални жирија и од телевоутингот на ТВ-публиката.

Победничката од Израел освои вкупно 529 гласови. Второпласирана беше претставничката на Кипар со освоени 436, а третото место го освои Австрија со 342 гласа.

Во финалето на 63. Евровизија се натпреваруваа 26 земји – по десет од двете полуфинални вечери, како и земјата домаќин (Португалија) и земјите од големата петорка кои директно влегуваат во завршната вечер.

Португалија првпат беше домаќин на европското натпреварување за песна, благодарение на победата на нејзиниот минатогодишен претставник Салвадор Собрал.