Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид денеска го критикуваше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека го споредил украинскиот претседател Володимир Зеленски со Адолф Хитлер, нарекувајќи ја изјавата „непростлива, срамна и историска грешка“.
Лапид рече дека очекува извинување и најави дека ќе го покани рускиот амбасадор во Тел Авив да го изрази својот протест, пренесоа израелските медиуми.
„Да се каже дека Хитлер бил Евреин е исто како да се каже дека Евреите сами се убивале. Нацистите ги прогонувале Евреите, само нацистите биле нацисти и само нацистите го иницирале систематското уништување на еврејскиот народ“, рече Лапид.
Дани Дајан, претседател на Меморијалниот центар на холокаустот во Јад Вашем, Ерусалим, исто така, ги критикуваше изјавите на Лавров, нарекувајќи ги „опасни и за осуда“ и рече дека Лавров „ги претвори жртвите во криминалци, врз основа на целосно лажно тврдење дека Хитлер бил Евреин“.
Тој исто така рече дека е против тоа Украинците да се нарекуваат нацисти бидејќи „тоа го искривува терминот и им штети на жртвите на нацизмот“.