Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во интервју за италијанска телевизија ја нападна Украина и нејзиниот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека „фактот дека тој е Евреин не ги негира нацистичките елементи во неговата земја“.

– Верувам дека и Адолф Хитлер имал еврејска крв во себе. Зеленски може да се залага за мир ако престане да дава наредби на своите нацистички сили кои се граничат со криминал, додаде рускиот министер за надворешни работи.

Лавров посочи дека не планираат вештачки да поставуваат рок за завршување на, како што рече, специјалните воени операции до 9 мај.

Во последните недели во западните медиуми и јавноста, но и меѓу експертите, често се зборува дека Путин би можел да ја прекине специјалната воена операција, како што Кремљ го нарекува нападот на Украина, 9 мај, кога Русија го слави Денот на победата. Лавров сега тоа го демантираше.

– Нашата армија нема вештачки да ги приспособи своите дејствија на ниту еден датум, вклучително и Денот на победата, рече Лавров, додавајќи дека „темпото на операцијата во Украина зависи првенствено од потребата да се минимизираат сите ризици за цивилното население и рускиот воен персонал“ рече Лавров.

Тој вели дека е свесен оти во СССР имало традиција да се направи нешто големо за празниците.

– Ние ги концентрираме нашите активности во Украина исклучиво на задачите што ги споменав. Нив ги најави рускиот претседател Владимир Путин. Тоа се заштита и безбедност на цивилното население, рече Лавров, додавајќи дека нивната цел е да спречат каква било закана за Русија.

Тој додава дека Русија не бара Зеленски да се предаде, туку бара од Зеленски да им нареди на украинските „неонацистички баталјони“ да се предадат.

– Зеленски може да донесе мир ако престане да дава криминални наредби на неонацистичките баталјони и ако ги принуди да ослободуваат цивили и да престанат да даваат отпор, рече Лавров.