Заштитата од тешко заболување од Ковид-19 се зголеми на 97 проценти 16 дена по третата доза вакцина против вирусот, објави израелскиот ТВ Канал 12.
Според израелското Министерство за здравство, заштитата од инфекција достигнува 95 проценти, исто така 16 дена по зголемената доза.
Во извештајот се наведува дека иако нивото на антитела е значително повисоко за седум дена од третата доза, својот врв го достигнува по 16 дена.
Повеќе од 1,7 милиони Израелци добија засилувачка доза од почетокот на август, а од вторник, Израелците над 30 години, исто така, можат да ја добијат третата доза, додека над 70 проценти од оние над 70 години веќе се имунизирани по третпат.
Во вторникот, повеќе од 10.000 Израелци беа позитивни на Ковид-19, според ревидираните податоци на Министерството за здравство објавени синоќа, што е најмногу досега во четвртиот бран и близу до најголемиот број заразени во еден ден, регистрирани во јануари.
Во Израел има повеќе од 75.000 активни случаи на Ковид-19, 1.084 хоспитализирани, 688 во тешка состојба, вклучувајќи 139 на респиратори.
Училиштата треба да се отворат за една недела, а претставниците на Министерството за здравство најавуваат дека невакцинираните ученици нема да мора да покажуваат негативни тестови за да посетуваат настава, бидејќи секој има право на образование според законот.
Родителите кои сакаат да влезат во училиштето ќе мора да покажат „зелена карта“, како и сите наставници, пренесуваат израелските медиуми.