Израелските одбранбени сили (ИДФ) се огласија за нападите врз згради во Газа, при што беше уништен облакодер во кој се сместени канцелариите на Асошиејтед Прес, Ал Џезира и други меѓународни медиуми, пренесува Хина. Тие велат дека сакаат да дадат важен контекст за насловите во медиумите за денешните напади во Газа

Во продолжение е во целост нивната објава од социјалните мрежи.

„Хамас ги претвори станбените области во Појасот Газа во воени упоришта. Користи високи згради во Газа за повеќе воени цели, како што се собирање разузнавачки информации, планирање напади, командување и контрола и комуникации.

Кога Хамас користи висока зграда за воени цели, станува легитимна воена цел.

Израелските одбранбени сили погодија голем број вакви згради во последните неколку дена, но пред да го сториме тоа, презедовме чекори за да осигуриме дека цивилите нема да бидат повредени.

Ги повикавме жителите на зградата и ги предупредивме да заминат. Испративме СМС-пораки. Ние фрливме бомби кои испуштаат силен звук и погодуваат само на покривот. Обезбедивме доволно време за евакуација.

Ќе повториме: Кога Хамас ќе смести воен имот внатре во таква зграда, таа станува легитимна воена цел. Ова е јасно меѓународно право.

Сите повеќекатници кои беа цел на ИДФ беа користени за воени цели“, се вели во соопштението.