Израелските медиуми денеска објавија дека Катар, пред околу еден месец со одобрение од САД, склучил финансиски ангажман со Иран за трансфер на повеќе милијарди долари во замена за сигурен премин на катарските танкери низ Ормуска Теснина.

„Израел Хајом“ и „Тајмс оф Израел“ наведуваат дека финансискиот ангажман е постигнат со цел да се зачува стабилноста во Персиски Залив и да останат отворени комуникациските канали со Иран.

Израелските весници, повикувајќи се на тројца неименувани дипломати, посочуваат дека ангажманот уследил по загриженост на Катар за сопствената безбедност, откако една од неговите постројки за гас беше погодена за време на неодамнешниот конфликт, во кој беа вклучени Иран, САД и Израел.

Доха се обиде да обезбеди заштита од идни ирански напади со зајакнување на директните контакти со Техеран. Додека соседните земји од Персискиот Залив – Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, беа подложени на ракетни и беспилотни напади по прекинот на огнот, Катар во голема мера беше поштеден, што се поврзува со неговата финансиска помош за Иран.

Според медиумите, договорот му овозможил на Иран пристап до дел од неговите финансиски ресурси депонирани во Катар. Некои од трансферите наводно се структурирани како такси што ги плаќаат катарските танкери и трговски бродови за да минуваат низ Ормска Теснина. Исто така, се посочува дека е воспоставен поширок кредитен аранжман во вредност до една милијарда долари за да се олеснат купувањата на Иран преку Катар.