Охриѓанецот Војо Димоски објави интересна паралела за злоделата на фашистите и извинувањето за тоа што го сториле нивните претци.

Тој во својата објава на Фејсбук прави паралела меѓу тоа што се случи во Полска пред 50 години, од страна на тогашниот германски канцелар Вили Брант, и тоа што денес и го прави Бугарија на Македонија.

Ја пренесуваме паралелата на Димоски, објавена на Фејсбук:

ВАРШАВА: Цели дваесет и пет години по завршувањето на Втората светска војна, на 7 декември 1970 година, германскиот канцелар Вили Брант клечи во знак на почит и извинување пред Паметникот на хероите од гетото. Единствено звукот од фото апаратите ја парал тешката тишина која се спуштила тоа зимско утро над Варшава.

Една година подоцна, заслужено, Нобеловата награда за мир му беше доделена на човекот кој се поклони на местото од кое нацистите во смрт одведоа стотици илјади Евреи.

МАКЕДОНИЈА: Во ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година градовите Битола, Штип и Скопје биле блокирани, а еврејските населби опколени со бугарска фашистичка војска и полиција. Сите Евреи од Македонија биле депортирани во логорот Треблинка. Од таму не се вратил никој!

Македонија во оваа војна беше на вистинската страна! Гордите Македонци тоа го знаат. Останатите, градат свет на рушевините на Вистината.