Официјален Белград срамно молчи за настаните во Минск, кои се чин на државен тероризам, бидејќи поради измислената опасност од бомба киднапиран е авион на европска компанија која леташе меѓу две европски метрополи, изјави во интервју за ФоНет аналитичарот за надворешна политика Бошко Јакшиќ, кој оцени дека зад сето тоа „постои страв од Русија“.

Јакшиќ истакна дека „нереагирањето на Србија ќе остане морална лузна врз надворешната политика на оваа земја“, која се движи „цик-цак“ и се „води само околу Косово“, поради што е „подготвена да проголта и најгорчливи кнедли“.

Алудирајќи на изјавата на премиерката Ана Брнабиќ, тој праша дали е „бесмислено“ да се коментира чин на „врвна ароганција на режимот кој уапси повеќе од 30.000 за учество во протести, кој единствен има смртна казна и кој воведе најригиден закон за медиуми “.

Јакшиќ потсети дека минатата година, на изненадување на многумина, Србија се приклучи на резолуцијата на ЕУ и ги осуди настаните за време на претседателските избори во Белорусија, но дека сега повторно е на испит и чека да види дали ќе дојде барањето од Брисел за приклучување кон санкциите, на кои „веројатно ќе одговори негативно“.

– Веројатно ќе слушнеме, како што би рекол Крлежа, „дипломатски гласини“ за санкции кои не се начин за решавање на проблемот, а потоа во Брисел ќе кажат дека ја разбираат позицијата на Србија и дека „не е толку обврзана да ја следи политиката на Унијата и така ќе заврши“, предвидува Јакшиќ.

Според него, „Александар Лукашенко е истурена позиција на Москва и ја држи позицијата зад која стои Путин, така што кога се напаѓа Лукашенко, на некој начин се напаѓа и Русија “

– И тука доаѓаме до суштината кога станува збор за Србија, а тоа е дека „не е толку голем стравот од Лукашенко, колку што е стравот од Русија“, оцени Јакшиќ.

Според експертот, она што Белорусија ќе го договори со Русија „во извесна смисла ќе биде упатство и за работата на српската дипломатија“.

Таа дури може да прифати да ја поддржи политичката резолуција против Минск, но за „Србија рампа“ се санкциите во кои, според најавите, ќе се вклучат и САД, смета Јакшиќ.

Како што забележа, речиси сите резолуции, декларации, мислења и санкции кои Србија одби да ги поддржи, и кога станува збор за ЕУ и кога се во прашање ОН, „главно се однесуваат на Русија, но и на Кина“.

– Станува збор, на пример, за осудите на Русија за Крим, потоа критиките кон Кина за човековите права, позицијата на муслиманската заедница или Хонг Конг, за што претседателот на Србија минатата година испрати писмо до Си Џинпинг и ја поддржа кинеската политика кон Хонг Конг, што претставуваше прст во око на ЕУ и Западот, потсети Јакшиќ.

Анализирајќи ги критиката кон ЕУ, кои доаѓаат од редовите на опозицијата, дека има двојни аршини кога станува збор за одговорноста за нарушување на демократијата кон Белорусија и Србија, тој објасни „дека сме многу мала земја и дека Вучиќ не се напаѓа пред се заради Косово“.