Јанакиески бара вештачење на „бомбите“, се сомнева дека се сечени, лепени и монтирани
Ново рочиште за предметот „Топлик“, во кој се осомничени поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица за продажбата на градежна парцела во скопско Сопиште.
Првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.
Одбраната на Миле Јанакиески, на судењето за случајот Топлик, побараа да се изврши стручна анализа на бомбите, за да се утврди дали се автентични, веродостојни и целосни.
Бомбите за овој случај беа презентирани на минатото рочиште, а по советување со технички советник на одбраната, утврдиле дека постои сомнеж телефонските разговори да се менувани.
-Автентичноста е спорна бидејќи се копии, па при превземањето или нивниот трансфер се создава можност за нивна измена. Постојат специјални лабаратории кои треба да ја утврдат автентичноста, целовитоста и континуитетот, рече адвокатката Сања Алексиќ.