Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека ќе има поголем буџет за образование и наука во 2025-та, а најави и наскоро дека ќе биде постигнат договор со СОНК и покачување на платите на наставниците годинава.
На прес-конференција за сто дена од работењето на Владата, Јаневска рече дека МОН дискутира со Министерството за финансии за поголем буџет за идната година за кога, рече, е предвидено зголемување и на средствата за наука, пред се за научните институции.
-Се работи на правилникот, се надевам дека тоа ќе биде по изработени проекти, за дополнителни стипендии за постдипломски и докторски студии со објавување на научни проекти кои во минатото ги немаше, од идната година ги предвидуваме, така што средствата за наука ќе се зголемуваат, а ќе се зголеми и севкупниот буџет на Министерството за образование и наука, рече Јаневска одговарајќи на новинарски прашања.
Во однос на преговорите со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) одговори дека тие се во тек и очекува за релативно кратко време да биде постигнат сериозен договор, најавувајќи дека постојат можности наставниците да добијат покачување на платите оваа година.
-Се уште сме во фаза на преговори. Очекувам за релативно време дека ќе постигнеме договор и тој ќе биде сериозен и повеќегодишен. Се уште разговараме за можностите во буџетот, но она што СОНК го бара мислам дека ќе можеме да го реализираме со тек на време. Очекувам дека и годинава ќе има покачување на платите на наставниците за разлика од пред неколку месеци кога можностите речиси беа исцрпени, сега веќе се појавуваат реално можности за покачување на платите на наставниците, рече министерката за образование и наука.
Соопшти дека МОН прави анализи како да продолжи градењето на објектите за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во близина на Ректоратот на УКИМ и дека до крајот на мандатот „ако не целосно, градбата секако ќе продолжи на двете згради“.
-Стручните служби ни велат дека овој процес нема да биде релативно брзо завршен затоа што таму имаше проблеми кои не зависат во моментот од Министерството. Една фирма банкротирала, па ја нема, па надзорот…Во комуникација сме со Министерството за транспорт кое исто така треба да се вклучи во овој процес. Тој е почнат и планираме до крајот на овој мандат ако не целосно, градбата секако ќе продолжи на двете згради, рече Јаневска.