Петнаесет туроператори од Белорусија во изминатите два дена престојуваа на информативна тура во Маврово и Попова Шапка, каде се запознаа со можностите кои ги нудат нашите зимски туристички центри.
-Можностите за развој на зимски туризам се одлични, особено кога станува збор за екстремните спортови слободно скијање, слободен сноубординг, како и аранжманите од 5 до 7 дена за кои ски центрите Маврово и Попова Шапка се совршени, порача директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски во својата презентација пред туроператорите.
Нагласи дека и покрај кризата предизвикана од пандемијата АППТ изнаоѓа можности покрај традиционалните пазари да отвори и нови.
Во периодот кој следи, како што кажа, АППТ започнува да ги промовира нашите туристички потенцијали кога станува збор за зимската сезона, на туристите од Белорусија и Украина, како и можностите за подигање чартер линии кои ќе продолжат со работа и во летната сезона 2021 и покрај ковид кризата.
-Во 2021 година туристите од Украина, Белорусија и Руската Федерација, се повеќе ќе бидат присутни во нашите туристички центри. Со ова докажуваме, дека со заедничко работење на сите чинители во туризмот можеме да создадеме туристички производи кои ќе бидат конкурентни на европскиот и светскиот пазар. Доколку ситуацијата со пандемијата е на очекуваното ниво, првите туристи од Белгија ќе може да ги очекуваме во нашите ски-центри веќе кон средината на декември, посочи Јаневски.