Дарко ЈАНЕВСКИ
Владата, односно Оливер Спасовски, најавија одлука за можно отворање на училиштата и градинките од средината на мај. Супер идеја. Со оглед на тоа што сме шампиони меѓу сите околни држави по бројот на заразени на еден милион луѓе, со оглед на тоа што сме шампиони и по бројот на починати на еден милион жители од вирусот, со оглед на тоа што сме во топ листата на Балканот (ако под Балкан ја подразбираме и Словенија која единствено не „тепа“, ама тука сме негде), со оглед на тоа што „Блескаме“, со оглед на тоа што досега ниту еден пациент не е вратен назад откако е ставен на респиратор, со оглед на тоа што прво воведовме полициски час, а после носење маски, со оглед на тоа што илјадници пензионери ги ставивме еден врз друг пред банки и шалтери, со оглед на тоа што инспектор утврди дека министерот за образование (таму белким анализираат за враќање на децата во клупи, нели?) иезаконски станал доцент (што во Македонија рака на срце е најмал грев, па топло се надевам дека Адеми еден ден според капацитетите ќе биде и декан на Правниот факултет во Скопје, а Катица и Фатиме продекани и ќе го кренат нивото на овој извор на неписменост во Македонија), со оглед на тоа што…, накратко кажано, со оглед на тоа што, еве повторувам, навистина „Блескаме“, секој ден, во секој поглед и на секое поле, последно што остана е да ги вратиме децата на училиште. Со гаранции од „гушни го Филипче“ дека децата нема да се заразуваат. А и да се заразуваат, нели, голема работа, деца се тоа, ќе им помине како на кутриња.
Е сега, тоа што ќе го пренесат вирусот дома на баби, дедовци, на родителите, на браќа, сестри… тоа и не е толку битно, зашто така ќе стекнеме колективен имунитет. За тоа не се зборува, ама тоа се прави. Пссст, да не не чујат… Ќе го стекнат сите, освен тие кои нема да го стекнат. И ќе умрат. Главно стари и хронично болни. И дебели и по некој млад. Кој бил здрав, ама криел дека не е здрав. Но, ако може една Шведска да жртвува 2 000 Швеѓани, а Швеѓаните се фин народ, културен, не се сељачишта, тогаш можеме и ние да умреме неколку стотини стари и хронични, кои и онака само им прават проблем на „Гушни го…“ и на оној вмровецот од Австралија кој сега ни го води Фондот за здравствено. А, таман добро им тргни – тендерчиња, Диамед, директори… Муртинска идила. Седиш, гледаш во зелено, пиеш кафе, азното само си иде. И по некое полче за шарените демирхисарци. На кои фала Богу, еве гледаме и пола вмровчишта, што бивши, што сегашни, да ми ти биле нивни ортаци.
Патем, со оглед на тоа што за овој вирус не се знае многу, не се знае ни за неговите мутации, не дај Боже, може да отиде „курбан“ и некое дете, ама сето тоа сфатете го како инвестиција во знаењето. Зашто знаењето е сила, знаењето е моќ. Едно време, за децата се носеа компјутери. Ама тие беа кинески, но ете и вирусот е кинески, така што му доаѓа на исто. Плус, ќе се заштеди. За компјутерите се плаќаа пари, се правеа бизниси, разни шутрци Грујо ги напрви милионери, а вирусот е бесплатен. Не чини ништо. Ја приметувате разликата?
Плус, можеби наставата ќе биде скратена, па децата бргу ќе одат на распуст. Но затоа е тука први септември, после доаѓа октомври, а тогаш децата и онака се разболуваат од обичниот грип, па што ќе фали ако малку имаме и корона. Впрочем, еве епидемиолозите велат дека секој од нас има по некоја корона. А еден научник од Холандија вели дека ако земете примерок од секој мртов, кај 45 отсто од нив исто ќе најдете корона. Така што, за бадијала ли сега да правиме врева?
Патем, кога може Шведска да го шири вирусот, можеме и ние. Нема да чини ништо ако почнеме да го раснеме и во саксија. Не дека великите од ЕУ – Италија, Шпанија, Франција, Холандија… убаво поминуваат, ама и да не е така – децата има да одат на училиште. Штом во ЕУ ќе се отвораат училиштата, мора и ние. Оти ЕУ е тоа, не е играчка. Исто како и Белорусија. Вирусот се воведува и укинува со декрет. Плус, нема да им биде ништо од малку „спартанска школа“. До есен, рана или доцна сеедно, ќе увеземе и нови респиратори, а дотогаш можеби ќе имаме среќа и некој пациент ставен на респиратор да вратиме во живот, така што се ќе биде како што треба.
Плус, не е нормално да не почнеме школска година (да не ги заборавам и градинките) со нови учебници на кои на секоја насловна ќе стои дека се учи на „мајчинот“ јазик, па со тоа ќе трчаме кај Жбогар да се пофалиме. И да му кажеме дека после доброто чистење на ќебињата од вошки, со чешлиња купени на Бит Пазар, ама на дистанца од продавачот, сега успешно ја минуваме и втората лекција. Или поглавје.
Се разбира, нема да си играме мајтап со препораките: децата секако ќе седат на два метра раздалеченост. и тие од градинките ќе си играат на два метри раздалеченост. Манчевски кој ја намали администрацијата во овие три години, ќе вработи по уште еден во секоја училница кој ќе мери дали двата метра се два и или некој сантиметар помалку, а може ќе се најде работа и за Макрадули со некој апарат од Вухан да ја мери загаденост по училниците, оти и тој го реши проблемот со загадувањето… Плус по еден кој ќе ги носи децата по тоалетите, кои по училиштатата во кои се учи на мајчин јазик не мирисаат, туку корнат. Ама и тоа е во рамки на стекнување навика. Кога ќе се научиш на корнењето, после тоа не ти корне. Па уште по еден кој ќе ги носи децата на јадење, со метрото во раце, разбира се. Тука се и сапуните кои како родители сами си ги купуваме, а рака на срце така било отсекогаш, зашто за политичарите од земјата во која се учи на мајчин јазик, миењето раце секогаш било луксуз и, нормално, мерачите на миење раце во време не помалку од 30 секунди. И откако сите 30 деца кои се на два метри раздвоеност ќе ги измијат рацете, секое по 30 секунди, ќе го чуете првиот глас: Наставничке, јас го допрев носот на…!
Нормално, сега некој ќе мрчи, што би рекол Чекичот, и за средства за дезинфекција, ама ние тоа можеме да го решиме и со ефтината солна киселина и со варакина. купена поефтино од КАМ. Не мора сега кај нас се да биде скапо.
Се разбира, не треба сега да се претерува и да се бара една стратегија за школството до септември, друга за од септември, трета за…, која би се базирала на појдовната точка дека според сите податоци, во Македонија 80 отсто од семејствата живеат во заедница на стари и млади. И дека, еве дури и да употребиме купонче од Нина Групер (патем, таа ни е министер за финансии, да не заборавиме, како што Мила Царовска ни е вицепремиер за економски прашња), па удриме со попуст, пак ќе дојдеме до тоа дека барем половина од семејствата се со три генерации во ист дом. Посебно надвор од Скопје. Добро, сега, некои се родени со Гучи и Луј Витон, други со Фонд за иновации, трети со амбасади, четврти со фабрика украдени од татковците им во времето на Бранко бурето од Слатино, ама другата сељачана главно живее така.
Но, како што рековме, со тие луѓе, старите и хроничните, и онака имаме проблем: сакаат пензии, сакаат лекови, одат по болници, па лежат, прават гужви по аптеки со оние државните рецепти, па финото и културно граџанство имуно на Ковид 19 и на неговите мутации мора да чека… Да не зборувам дека фаќаат пневмонија и од обичниот грип, па ќе треба плус тестови да се за да се разграничи што е што…Е, сега проблем е малку што тестови ги „зајеба“ Максо, „курва проклета“, па „час је бил позитиван, час негативан“, наместо да гледа на Јутуб оние видеа кои велат дека стално треба да си „позитиван“, ама да не „заборивимо“ дека тестови ги „Заева“ уште онаа жената која два пати им беше негативна, па откако умре кутрата, најдоа дека е позитивна, па беше оној лекар од Битола, кој во една недела беше негативен, па позитивен, па негативен, или така некако… ама тогаш уште бевме во фаза на штампање на стикери со „Филипче Супермен“ и насловни со Филипче кој стана свети Ѓоргија, па ја убива короната.
Ама пак, од друга страна, ние не приметивме на време дека имаме 37 000 грипосани оваа година, за разлика до 20 000 лани, па сега за идната есен ќе бараме разлика меѓу грип и корона… Ајт ви се молам. Кој ќе му ја мисли сега на тоа кога во меѓувреме, уште не сме ги потрошиле лубрикантите за милион евра, што само по себе е мака плус.
Така што ич да си немате гајле. Вратете ги децата во клупи, а од мај тие што ќе умираат не мора да ги водите дека се од корона. Пиши нешто друго. И немој да мислите за тоа што ќе правиме од есен, оти да знаевте да мислите за нешто друго освен за тендери, е тогаш тоа другото навистина друго ќе беше. И не заборавајте со време да ги впрегнете загарите, медиумски да ви подготват терен. Заедно со троловите што ги имате по фејсбук и твитер. Се што треба да се направи е да се каже дека веќе нема вирус. Људи умирев и без њума.