Дарко ЈАНЕВСКИ

Запрашан за падот на БДП од 12,7 отсто во вториот квартал, Зоран Заев денеска ја даде следната изјава:

„Уште на почетокот на кризата, рековме дека најпогоден ќе биде вториот квартал. Март, април и мај се со минус 12,7 проценти. Нашата економија 60 проценти е поврзана со европската економија и голем дел од работите не зависат само од нас. Германската економија паѓа многу повеќе од нас, како и другите земји со кои трговски сме поврзани. Германската економија паѓа многу повеќе од нас, како и другите земји со кои трговски сме поврзани. Но во вториот квартал имаме и раст во неколку гранки како што е земјоделството и неколку други што покажува дека домашниот перформанс е добар во вториот квартал и верувам дека ќе се задржиме на севкупниот пад на БДП да биде еден од најслабо погодените во регионот со намалување не повеќе од минус четири проценти во вкупниот раст“.

Ајде да се обидеме да ја анализираме секоја од овие реченици, со оглед на тоа што Заев е економист по професија и да видиме колку сето тоа што го зборува Заев има реална врска со познавање на економијата. Да одиме од почеток:

„Уште на почетокот на кризата, рековме дека најпогоден ќе биде вториот квартал“.

Овие зборови на Заев не значат ништо. Евентуално дека Заев е некаков пророк, ама тогаш пророци се сите седум милијарди жители на светот. Ако карантините продолжеа и во третиот квартал, секој можеше да предвиди дека и во третиот квартал ќе има голем пад. Но, добро, ова е само прва реченица на нобеловецот. Одиме понатаму.

„Март, април и мај се со минус 12,7 проценти“, вели Заев.

Очебиен кикс. Заводот за статистика зборува за вториот квартал и падот од 12,7 отсто е во вториот квартал. Тука спаѓаат месеците април, мај и јуни. Тоа е втор квартал. Да не знаеш дека март е во првиот квартал, кога падот беше 0,2 отсто, што и не е некоја голема мудрост, и да го сместиш во вториот квартал, е прилично голема срамота, дури и кога би било онака истресено од рака од другите генијалци во неговата влада на кои народот е научен дека се „празна“, но штетна „слама“ како Димитров, Царовска, Шеќеринска итн.

Одиме понатаму:

„Нашата економија 60 проценти е поврзана со европската економија и голем дел од работите не зависат само од нас“.

Оваа реченица не значи ништо, бидејќи сечија економија е поврзана со нечија друга економија. Ако нашата економија во 60 отсто беше поврзана со САД или Русија, ќе можеше истото да се каже како оправдување. Оваа реченица има значење само ако постои економија со која би можеле и би требало да се поврземе за да не трпиме удари, но таква едноставно не постои. Но, кај нас е колабиран извозот со 30 отсто, и тоа е проблем за кој Заев не сака да зборува. Падот во ЕУ главно се должи на намалената активност во дејности кои со нашиот извоз немаат допирна точка: угостителство, туризам, транспорт, а не со купување производи кои ги произведува, на пример, Гугл, кој ако се сеќавате, Заев го донесе како инвестиција во Северна. Така што, уште еден кикс на другарот Заев, другари од СДСМ. И стари и нови.

Следно:

„Германската економија паѓа многу повеќе од нас, како и другите земји со кои трговски сме поврзани.“

Безочна лага. Точно е дека германската економија не расте, во вториот квартал и таа има драстичен пад, но тој според Еуростат изнесува 11,7 отсто (во првиот квартал изнесувал 2 отсто). Значи, не е точно дека германскиот пад од 11,7 отсто е поголем од нашиот („многу повеќе од нас“, вели Заев) од едноставна причина што 11,7 не е поголемо до 12,7, ама тоа очигледно не се учи на економските факултети каде завршуваат комуњарските економисти.

„Како и другите земји со кои сме трговски поврзани“!

И ова не значи ништо. Кои се тие земји, и во кој тој дел нашата економија паѓа поради поврзаноста со нив? Дали, на пример, ние извезувавме во онаа кланица во Германија каде беа заразени неколку стотини или илјади луѓе, па беше затворена? Дали ние имавме некој извоз за проститутките во Амстердам кои седеа во излози, а чија работа беше прекината? Дали имавме некаков извоз во италијанските ресторани кои беа затворени? Дали имавме пад од 12,7 отсто поради колапсот на туризмот во ЕУ? Ништо од тоа! Ако не се лажам, само во одреден период Дреклсермаер прекина со работа и тоа беше се! Транспортот на стока не беше прекинат. Потешкотии имаше, но не и прекин. Впрочем, ако Литванија има минус од 3,9 отсто, а е членка на ЕУ, ако Финска има минус од 5 отсто, дали тоа значи дека нивните економии не се европски поврзани?

„Но во вториот квартал имаме и раст во неколку гранки како што е земјоделството и неколку други…“

Ова е нова катастрофа за сериозен човек, но не и за Заев. Имено, да кажеш дека во земја како Македонија, со околу 200 сончеви денови, во вториот квартал растело земјоделството, е како да кажеш дека кога има облаци обично врне дожд, а кога грее Сонце е топло.

Имено, во април, мај и јуни, почнува и сезонското производство на зеленчук и овошје во Македонија, а оранжериското продолжува како и во првиот квартал, па нормално е дека во земјоделството параметрите растат. Во третиот квартал тие се уште поголеми од првите два, ама тоа е така само затоа што такви се годишните времиња. Па така како што Владата на Заев не е виновна што во декември има минус во земјоделството проади тоа што нема производство на грозје, бостан и сл., така таа не е заслужна ни што во вториот и третиот квартал има раст. Тоа се случува со секоја Влада.

„…што покажува дека домашниот перформанс е добар во вториот квартал…“

Ова е продолжение на претходната реченица. Што да се каже кога некој ви вели дека добро стоиме при пад од 12,7 отсто на БДП. Но, веројатно мисли дека некого ќе импресионира со тоа што го употребил зборот „перформанс“. Впрочем, зошто да не? Заев го има клучот за умот на северните експерти.

Но, тоа не е крај на целата реченица:

„…верувам дека ќе се задржиме на севкупниот пад на БДП да биде еден од најслабо погодените во регионот со намалување не повеќе од минус четири проценти во вкупниот раст“.

Севкупниот пад да не бил поголем од 4 отсто во вкупниот раст. Јасно ви е ова? Кога минусот станува плус, ама пред гранап, седнат на гајба пиво и со посебна салама како мезе распослана на хартија пред тебе. Тоа може, вака не!

Но, типов сега да плесне со прстите, осум од десет економисти во Северна ќе му клекнат пред нозе. Но, еве, после минус од 0,2 отсто во првиот и минус од 12,7 отсто во вториот квартал, при што март му се поклопува и во двата квартала (а во тој случај вториот квартал има четири месеци, па не е квартал, ама ај сега да не навлегуваме во детали…), Заев предвидува да го завршиме декември со минус 4 отсто БДП. Медрано одамна го нема, ама кај и да е, до декември можеби ќе дојде. И сега, за да не биде дека делови од реченицата се вадени од контекст, еве ја во целиот нејзин сјај:

„Но во вториот квартал имаме и раст во неколку гранки како што е земјоделството и неколку други што покажува дека домашниот перформас е добар во вториот квартал и верувам дека ќе се задржиме на севкупниот пад на БДП да биде еден од најслабо погодените во регионот со намалување не повеќе од минус четири проценти во вкупниот раст“.

Сфативте нешто од се ова? Јас сфатив дека блескаме, освен таму каде што не блескаме, а тоа се чини е секаде. Освен во производството на дињи, лубеници, домати и краставици. И кога во Германија ќе почнат повторно да ги јадат, ќе ни тргне и нам. Зашто, никој друг во светот не произведува од овие производи.

И на крај, поздрав до комуњарските економисти. Какви сте, на Заев и на Бранко треба по два споменика како Александар да им изградите. Додека тоа не го направите, научете ја на памет следната реченица, која верувам ќе ја сфатите, а е изговорена од вашиот умствен шеф:

„Проекциите кои што ги очекувавме да бидат до минус 4 отсто, сегашните проекции за првиот и за вториот квартал ги даваат условите, за да завршиме согласно проектираните проекции кои што ги имаме за крајот на годината…“

Ова е искажано пред погоре цитираните зборови. Ако нешто разбравте, алал ви вера…! Ама умни сте вие!