Дарко ЈАНЕВСКИ
Не знам дали забележувате дека последните денови, полека, малку по малку, како се влошуваше ситуацијата, кога одеднаш почнаа да се прават и по 1 000 тестови дневно наместо оние стотина, фокусот на интересот за Ковид 19 почна да се поместува од Филипче кон Комисијата за заразни болести. Таа, Комисијата, не чини, инаку Филипче, манекенскиот пандан на Фатиме Фетаи (со тоа што нему барем никој не му ја спори стручноста во неговата област), останува „Супермен“, „свети Филипче кој ја убива короната“, „Корона чао“, „Гушни го Филипче“ итн. Бесрамна пропагандна игра која, Комисијата си ја прифаќа, како гладно дете со измрсулавено носе на кое му е подадено парче леб со маргарин, оној најефтиниот (за кој од средината на минатиот век постојат студии дека е извонредно штетен за човекот) и кој, патем кажано, се дели како храна во македонските болници, премачкан одозгора со малку мармалад.
Така, среде новите 101 заразени и четири починати во еден ден (за што самите луѓе си се виновни бидејќи се дебели и грди и плус касно дошле на лекар) ние сме одново во нова пропагадна шема чија цел е да се најде лош цајкан, а добриот, светиот Филипче, да си остане добар. Нормално, три месеци човекот градеше рејтинг, сега не бива целиот тој труд да пропадне. Зошто и опозицијата влезе во таа шема, не е сосема јасно. А, можеби и не е толку нејасно. Ама тоа е веќе друг филм.
И ете, сега лошата Комисија не кара и бара одново да бидеме затворени зашто сме биле неумни и не сме ги почитувале мерките. Откако во Штип затворија седум текстилни фабрики, бидејќи по три месеци од почетокот на кризата, некој сфатил дека жените ги носат на работа набиени како сардини во комбиња и автобуси и тие се заразиле. Многу умно и инвентивно нели? Бистри мозочиња се тоа. А, како им е на работа, самите тие си знаат. Ама, од каде пак Комисијата да знае дека во државата има такви фабрики? И онаа плавушата од некој здравствен инспекторат. Оти нивниот шеф и онака веројатно не купува облека шиена во Штип. За Цаца, да не зборуваме. Е, да, кога ја спомнавме Цаца, вие од Комисијата, знаете дека Обвинителството на Јовески бара парична казна за госпожата? Седум души заразени, 10 000 евра казна! 1 500 евра по човек. Додуша не се ни 1 500, помалку се. Дали и колку луѓе заразиле тие седумина заразени од Цаца, вашиот шеф Филипче не ни кажа. Дали и колку заразиле тие кои биле заразени од седумината, и тоа не го дознавме.
Така што, после се чудите зошто луѓето не ги почитувале мерките. Па не ги почитуваат зашто не ви веруваат. Немате углед. Џавка муабет. Вашиот Бујар, оној што ве интегрираше во Европа уште лани, па сега сте европско здравство, како тоа во Белгија со 800 мртви на еден милион, Шведска со 450 мртви на еден милион, Италија со 550 мртви на еден милион… вели дека требало да се бориме против лажните вести. Не мисли на вас, мисли на државата. И на сите нас. Истиот тој Бујар кој лани со кренати палци се сликаше во авион со Муртино, со оној со исушената рака, со Анѓушев бизнисменот и кој уште беше во леталото, и тврдеше дека сме добиле датум. Кој пред некој месец го добивме по втор пат, а кај и да е, ќе го добиеме и по трет пат. Е, после, луѓето не ви верувале. Ни вам, ни нему. Па нема да ви веруваат. Ама вие не се лутите на Бујар што не е сокриен во некоја глувчешка дупка додека не помине епидемијата, заедно со сета таа тајфа од сликата, зашто секое негово појавување ви штети, туку се лутите на некој сељак од Сарај, од Центар… кој не верувал дека има вирус. Ама, па, нели, ако не верува, можеби ќе се зарази, можеби ќе умре, вие ќе воведете карантин, после ќе воведете или олабавите нешто друго, важно да се врти работата. Или вирусот. Што ти е гајле. Вие имате и опрема и маски. Не сте како оние лекари и медицинари кои немаа!
Се разбира, вие не сте виновни што таа тајфа сликана со Бујар лекарот се збирштина на шутраци кои не лажат само кога спијат и кога ја ставаат раката во бурето со мед, но можевте на секој таков случај, онака по пат, во „џавка“ муабет да му залепите по еден шамар. Зашто кога тој зборува за лажни вести, вам ви штети. И нам. И на сите тие, да им ставите по некое купче изолирани корона вируси под нос, без страв дека ќе се заразат, зашто не е докажано дека короната се закачува на амеби. И, ете по трет пат „и“, да се потрудите тоа да се дознае во јавноста. Ама шамар, онака полн. Тајсоновски. За да молчи кога сега зборува за лажни вести против короната. Мислите дека тоа нема врска со вирусот? Има! Зашто вие се борите за доверба, од оној момент кога наместо како лекари, народот почна да ве доживува како државна институција во служба на рејтингот на Филипче. И на Кумановац. И на жичката македонска.
Но, да се вратиме на тајфата од авионот што сега нешто дрви за лажните вести. Можевте таквите шутраци, да ги ставите малку и на земја и да им скокате врз тоа нафатираните со евра и долари мешиња. И да им ги фрлите на тие што велат дека вирус не постои. Зашто лажната вест треба да оди кај лажната вест. Тие си припаѓаат едни на други. Заедно со оние новинарските мулиња кои демек му поставуваа прашања на вашиот шеф на прес конференции додека го билда рејтингот. Вам не ви беше смешно? Мислите дека сето ова ве внесува во политика, во пресметка власт-опозиција? Не, ве внесува во борба за животи!
Е, да, ако го направевте тоа со мешињата на нафатираните, со фрлање на лажните вести во купчето на лажните вести, со смешните театарски игри на вашиот шеф и загарите кои учествуваа во тоа, вклучувајќи го тука и оној што го викаа министер Смрт, а кој ви беше шеф, што мислите, дали тогаш ќе ви беше зголемена почитта во Сарај, Чаир…? Знаете како ќе гледаа на вас? Како на богови. Зашто, ова не е само борба на медицината против вирусот. За да успее медицината, мора да успее и таа другата борба. И вие можевте да дадете пар примери, или да побарате од вашиот шеф, малку помалку да мисли на рејтингот, а малку повеќе на ова. Значи да дадете пар примери, вашиот шеф да даде пар примери, па потоа другите гавази некој си ја бркаат нивната, а вие вашата работа. До толку белким разбирате, нели?
И, знаете како ќе гледаа на вас ако побаравте секој поголем маркет во кој уште на 1 март некој носот го покажал, а не му бил покриен со маска, да биде затворен? А, да во маркет никој не бил заразен. Од каде знаете? Па вашиот Филипче вчера-завчера кажа дека сега не е исто како на почетокот кога ништо не сте знаеле. Освен дека има вирус. И кога знаевте дека не треба да се носат маски. Кои сега треба да се носат, ама не се носат оти Наќе нешто ве дупел. Па пушта литии и бајрами. За кои треба да гони обвинител, кој не гони. Оти на шефот на вашиот шеф го боли тоа… „жичката“ за литиите и за молитвите по џамиите, ама затоа навистина многу го боли и интересира кој ќе биде крив ако народот се налути за гонењето. Нели? И вие после излегувате на ТВ и ни велите: Народот е крив! А, ние глупави, пиеме нафта. Од онаа ефтината!
И сега барате да се почитуваат мерките. Ама и по три месеци, изгледа не ви е јасно дека ова не е пропагандна војна за зголемување на рејтингот на Филипче и за избори на 14 јуни, па на 21 јуни, па сега на 5 јули, а ако не во декември кога ќе имаме грип. Овде станува збор за мртви. За пеење „корона чао“ по гробишта. Е, а за да не се случи тоа, ете ви ја Лукаревска која тврди дека почитувала се од ред што сте пропишале. Ама се заразила. Е, сега, или вие на чело со вашиот манекен за Ковид 19, сте неписмени, па предлагате мерки кои не ги штитат луѓето од вирусот или треба да барате тој што ја заразил (да му дадат Бог и медицината што поскоро оздравување), заедно со Цаца, не да се фатат за џеб, туку да одлежат малку. Затоа што не ги почитувале мерките и препораките пропишани од властите во време на епидемија. Што мислите, ако такво нешто направите, ќе има ли храброст некој да се спротивстави на вашиот глас за Струга и Рамазан Бајрам? Не, оти луѓето им молчат на тие кон кои имаат респект.
И немојте да кажете дека немате ингеренции. Имате, имате. Под услов и тој од Сарај и тој од Липково и тој од Шутка и тој од Прилеп и Скопје да го добиете на ваша страна. Го викнавте ли кумановскиот пајак да ви објасни зошто собираше луѓе на купче околу него во Куманово? Не го викнавте. Побаравте ли од Филипче да му врзе заушка? Не побаравте. Знаете зошто? Зашто не смеете ни да помислите на тоа. Јасно ви е дека и тој и Филипче и сите тие ве помножија со нула? Сто карантини да воведете, тоа нема да ја врати вербата во вас во Сарај и Чаир, зашто шефот и неговите шефови ве ставија во политичка машина. А вие се согласивте со тоа.
А во меѓувреме, страдаат и тие што имаат други болести. Многу повеќе од оние 90 отсто заразени чиј организам лесно се справува со вирусот. Инаку, пред само неколку денови ги отворивте кафеаните. Зошто? Затоа што Брзозборката и Владата не се способни економски да се справат со кризата. А, да, и затоа што требаше да изгледаме релаксирано за избори и затоа што пред само три ден објавивте дека се е под контрола и затоа што имало луѓе кои сакале кафе да се напијат. Види мајката. И сега карантин. И неспособноста на Владата и Брзозборката ви е медицинска мерка? А од понеделник? Кај ќе биде вирусот? Ќе го снема?
Ја утнавте работата. И тоа ве носи директно на онаа нива од која Господ го црпнал тој со жичката. А тоа не се решава со полициски час. И, кога сме кај полицискиот час, што ќе правите ако ете, во Чаир и Сарај, на пример, 10 000 луѓе излезат и решат да не го почитуваат. Знаете колку градилишта има со тие од Чаир, од Сарај, од Тетово, а и со тие од источната стран на Вардар во Македонија, на кои ако им кажете маска, мислат дека им зборувате за „мазга“? А, за полицискиот час, ене ви ја Америка, со 23 градови кои имаат полициски час и илјадници луѓе кои не ја почитуваат забраната. Таа, забраната, нема врска со вирусот во САД, но сепак. Или, тоа не е ваша грижа. Нели? Како што мртов ладен оној Швеѓанецот вели: „Упссс, се извинувам згрешивме. Ни умреа премногу луѓе.“
Всушност, не се ни „извинува“. Тоа му го додадов онака „гратис“. Како „Поздрави од Северна“ на разгледница. Оти и нам ни умреа премногу луѓе. Ама знаете што? Швеѓанецот барем не го криви народот. А, ние, ако ја свртиме главата на југ, на исток, на запад или на север од нас, лесно се гледа, и таму има народ. Сличен на нашиот. Што мислите, тој во Сарај е глупав, па сака да умре, а оној во Тирана е паметен, па не сака?
Ама, пак, од друга страна, што велите, графиконот на вашиот Филипче не вели така? Затоа сте вие тука. Да си помолчите. Знаете колку пари тоа чини? И знаете тие пари колку животи ќе чинат? Ама, пак, од друга страна, што ќе му ја мислите за тоа! Пуштете си некоја песна и некој аплауз од репортоарот на Филипче. Како стои тој денеска со рејтингот? И не ви чудно што некако сите почнаа да го премолчуваат, а вас да ве обвинуваат?