Дарко ЈАНЕВСКИ
Некакви си т.н. „експерти“ се собрале денеска кај уште еден таков “експерт“, Дескоска, за да ја решат судбината на СЈО и новиот закон за ЈО. Сите тргнуваат од тоа дека со притворањето на Јанева, СЈО е историја, зашто таа, специјалната или ќе биде разрешена или ќе и биде прифатена оставката, а со тоа паѓа во вода и целото СЈО, па треба нов закон (еднаш пишав дека тоа е всушност една од целите на аферата).
Некои од тие т.н. експерти солзи ронат по СЈО, други признаваат дека имало политичка намена (а, тие без срам очигледно, учествувале во таа намена на СЈО), но, и за едните и за другите, основата е во заминувањето на Јанева. А, од толкава присутност на „експерти“ на мал простор, очигледно не се гледа шумата. А шумата вели дека една работа е ако Собранието сака да го укине постојниот Закон за СЈО, но сосем друга е ако појдовна точка во тоа е оставката и разрешувањето на Јанева. Зошто? Затоа што во вториов случај, во овој момент, можно е да стане невозможно да се разреши Катица Јанева, како што можно е да биде невозможно да се прифати и нјезината оставка (под услов да го апсолвираме фактот дека нејзиниот мандат престанува на 15 септември).
Имено, колку и да ви изгледа тоа неверојатно, според Законот за СЈО (член 17):
1. Оставката на специјалниот јавен обвинител ја утврдува Советот на јавни обвинители;
2. Но, за да може ова тело да ја утврди оставката, потребно е да добие предлог за тоа;
3. Предлогот го донесува Собранието на РМ;
4. За Собранието да го донесе предлогот потребно е да се исполнат кумулативно три услови:
-Двотретинско мнозинство (80 гласови);
-Бадинтерово мнозинство (во тие 80 гласови мора да има најмалку половина гласови плус еден глас од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство);
– и, согласност од четирите најголеми партии во Собранието на РМ или како што стои во Законот „предлогот (за престанок на мандатот по барање на самиот специјален обвинител – оставка, м.з.) се утврдува по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија“.
Исто е во случај на разрешување на специјалниот ЈО поради нестручно и несовесно работење (член 18 од Законот за СЈО).
Значи, за било какво заминување на Катица Јанева од функцијата (оставка или разрешување), потребна е согласност на четирите партии со најголем број пратеници во Собранието на РМ. Три се познати: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Која е четвртата?
Следни на листата се БЕСА и Алијансата на Албанците со по три пратеници (сите останати партии имаат по двајца или по еден пратеник). А осумте предавници не се партија туку се водат како „независни пратеници“. Тогаш, која од овие две е четвртата најголема партија?
Ако и двете партии се согласат да ја прифатат оставката на Јанева (или разрешувањето), а тоа го сторат и останатите три, не би требало да има проблем. Но, што правиме ако овие две партии со по тројца пратеници не согласат или ако Алијансата се согласи со заминувањето на Јанева по било кој основ, а БЕСА не и обратно? Зошто би се броеле трите гласови на Алијансата како четврта најголема партија, кои се „за“, а не би се броеле трите гласови на БЕСА како четврта најголема партија кои се „против“?
Јасно ви е, во тој случај нема разрешување на Катица Јанева односно нема прифаќање на нејзината оставка, зашто нема да може да се упати предлог до Советот на обвинители, а нема да може да се упати предлог, зашто нема да има согласност на четирите најголеми партии во Собранието. И работата се комплицира. Јанева или било кој на нејзино место може да не сака веќе да работи, а формално правно, може никогаш да не се постигне согласност за заминување на обвинителот и работата да биде блокирана.
Ете, овие т.н. експерти, за ваквите можности и слабости на Законот молчеа. Ете, до толку се експерти. Како што нивната „експертиза“ не виде дека најобично предвидување заменик на Јанева во против уставниот закон, немаше да дозволи таа сега од Шутка да упатува писма.
Како и да е, јасно е сега дека двете партии (БЕСА и Алијасната) можат да уценуваат или што е уште поверојатно, да се направи комбинација: малку да уценуваат, малку странците нив да ги уценуваат за согласност и така шесте пратеници на двете партии да кренат рака.
Но, сепак, што пак, ако некоја од овие две партии се одважи и каже: „Не! Мандатот на СЈО е до 2020 година и тој мандат нека се оствари до крај со нов специјален обвинител!“
Или, што ако една од петте партии од кои две се со ист број пратеници, не се согласи со оставка на Јанева, на што очигледно игра СДСМ (за да се избегне документот со нестручност и несовесност, а не за да се отстранат некои од основите за притвор), туку бара разрешување токму поради тоа: нестручност или несовесност, на што пак, исто така очигледно, нема да се согласи СДСМ?
Или, што ако ВМРО – ДПМНЕ биде партијата која ќе побара мандатот на СЈО да се оствари до крај, но со нов специјален обвинител кој ќе избере свој тим?
Што ако за новиот закон за ЈО не се соберат 80 пратеници од било кои причини, а ситовремено на 15 септември истекува мандатот на Јанева? Решен е проблемот со префрлувањето на предметите во ЈО? АЈде, ќе видме, основот е толку климав што ој знае дали ќе издржи.
А што се однесува до експертите кои сега нешто многу знаат, а молчеа кога се носеше шупливиот Закон за СЈО, еве едно прашање за нив: Што ако на изборите во 2016 година добиевме парламент составен од шест партии со по 20 пратеници, а кои не можат да постигнат консензус? Кои ќе ви беа четирите најголеми партии во Собранието кои ќе ја разрешеа Јанева или ќе ја прифатеа нејзината оставка? Затоа брзавте со нов закон ЈО и затоа го буткате на сила?
А, ете, таков ви е Законот. И сега, вие ќе правите нов?
Е, за крај, и членот 3 од Законот за СЈО. Според него, мандатот на Јанева е четири години, а тој започна на 15 септември 2015, што значи трае до 15 септември 2019 година. Оттука, сето ова со некакви постапки за разрешувања и сл. немаше смисла, освен да се добие документ дека челникот на СЈО не го бивало. Фактот што никому досега не му паѓаше на памет да разговара за нов мандат на Јанева или избор на друг специјален обвинител покажува дека всушност, СЈО одамна е завршена приказна, а борбата е дали ќе се претовари во ЈО преку новиот Закон. Но, за да отстрани сето ова, се избрза со префрлување на предметите. А колку е законски тоа – во наредната прилика.