Дарко Јаневски
Додека се палите како „хепо коцки“ на „бомбите“ што Фатиме Гучи и Бубе ги пуштаат во судница за „Монструм“, некако заборавате дека оние за кои со ДНК е докажано дека биле убијци се на слобода. А ако не се тие, тогаш се некои други, ама и тие некои други се на слобода, а Гучи нема поим кои се, зашто ако има поим, треба да ги гони, нели?
И така, си играат некрофилија со коските на децата и рибарот, а и оние од Северна и оние од Македонија како тинејџери со средна страница од Плејбој „трчаат“ по тоа кој што кажал на телефон во разговори за кои, како што се виде од случајот со Мартин Нешковски, можат и да се наштелуваат или „сечат, лепат и монтираат“. Зар не?
Ама важно има сеир. Така, од држава, во која за година ипол беше донесена првостепена пресуда за убиството на пет лица, не случајно на Велигден, подоцна потврдена и во втор степен, дојдовме до тоа да слушаме во судница телефонски муабети: „Ало, како си, купи плочки за купатилото, плесна нешто синоќа? Е, а бе успат да ти кажам и за Смиљковско…!“ Срамота.
Значи многу важно било што му кажал министерот за транспорт, еј министер за транспрот, на некој си негов, многу важно било (од аспект на убиството гледано) дали Блерим Беџети потпишувал или не за екстардицијата, дали местеле рочиште, што и кажал Орце Камчев на Оливера Трајковска…? Па ако тоа било сериозно, ако имало уште еден сведок, каде е? Каде е процесот против Беџети? Каде е…? Еј, седум години поминаа од убиството, две години откако обвинителката Лилјана Спасовска, тоа е онаа десно од Јовески на прес конференциите со Рускоска, се откажа од „Монструм“ и ние сме на почетокот, зашто некоја банда шарена по улиците и по медиумите врескала „нема правда, нема мир“ и зашто Заев требало да дојде на власт за да станеме Северна. И гледаме и слушаме сеир. И чекаме датум за ЕУ.
А, каде ви си другите поради кои беа укинати двете пресуди за Монструм, бандо? Оти , нели, „режимот“ местел. Ама каде ви се тогаш оние што ги убиле децата и рибарот, наместо овие што „режимот“ ги местел? Или ќе чекаме да пуштате снимка по снимка, да фаќаме сеири додека убијците си се шетаат на слобода? И доекља Заевс е гушка со харадинај кој не само што не ги дава оние двајца, туку ги бара кај него и овие од Диво Насеље. Бандо ненормална! Е, тоа е ефектот од вашето СЈО.
Истовремено, ова е, ако не се лажам прв случај во кој редовното обвинителство (не СЈО) внесува нелегални снимки во судница, а судијата тоа го дозволува. Аферим. Инаку, тезата е дека тоа биле снимки од „трето лице“, не од власта, па како такви, „западната доктрина“ ги дозволувала во судница. Не е ова ништо ново. Има еден коментар на ЗКП од пред некоја година, на 1000 и нешто страници, за кој и странците истуриле пари, подготвуван ми се чини од осум професори по кривично право и постапка, во кој се наредени и некои приемри од Европскиот суд за човекови права, според кои примери, кога власта не е таа која нелегално прислушува, може да се дозволи прислушуваните материјали кои ги обезбедило „трето лице“ да се најдат во судница како докази, иако нашиот член 12 од ЗКП став 2 тоа изрично го забранува.
Како и да е, овој правен мајтаплук, од политички причини победи, и така ќе се оди и понатаму. Но, сега се јавува друг „проблем“, односно правниот шарлатанизам влезе во нова заамка. Имено, сите случаи кои Европскиот суд ги оценил како дозволени се поединечни, како нашиот „Рекет“ (на пример, полицијата озвучила некоја девојка, а таа со тоа озвучување обезбедила докази против некого, иако немало налог). Нема пример каде имате масовна операција на прислушување на 20 000 лица (изјава на Зоран Заев) за евентуално да се обезбедат докази за некој си криминал. Значи „евентуално“, како што со мрежа се фаќа, но и не мора да се фати риба.
Но, кога тоа веќе поминува, зошто тогаш да бидат на „слепо“ прислушвани само 20 000 лица? Зошто не, ако може, да не бидат прислушувани 200 000 лица, граѓани на Република „Северна“ Македонија во која дојде „Живот“? Чекај, а зошто само 200 000? Зошто не сите два милиони во оваа држава? Која е бројката на луѓе која „трето лице“ може да ја прислушува и тоа да биде во ред, зашто така велела „западната доктрина“? Патем, ако тоа го направите, ако ставите под надзор два милиони луѓе од страна на „трето лице“, тогаш секако ќе обезбедите докази за нечиј криминал, нели? Но, еве, може прво да се почне со незаконско прислушување на 120 илјадната администрација. Таа е таа која корист државни пари, низ која минуваат тендери. Не кај сите, но од каде знаете кој од тие 120 илјади ќе направи или ќе биде вмешан во криминал? Значи, мора сите да бидат прислушувани. Плус сите нивни роднини и пријатели. Па ако ја помножите бројката од 120 илјади со десет (секој од нас има барем толку роднини и пријатели) тогаш доаѓаме до бројката од 1,2 милиони жители кои некое си „трето лице“ може слободно да ги прислушува зашто со тоа не се повредуваат нивните основни човекови слободи и права. И тоа е само за почеток. Додека не се стигне до сите два милиони. И пак аферим. После викнете ги оние од Би Би Си да нека снимаат нови филмови за Гучи, за Катица од Шутка и за Ленче.
И на крај, со ова, кога се тврди дека е забрането изведување докази кога нелегално прислушува власта, но е дозволено ако тоа го прави трето лице, и кога тоа од денеска влезе во судница без никаков приговор, на сметка на коските на децата и рибарот, тогаш, драги мои, имате несоборлив доказ дека „режимот“ не се прислушувал сам себе. Зашто ако режимот прислушувал, тогаш тие снимки, според Европскиот суд, не важат во судница. Зар не Зајко? Ете толку и од твоите експерти и од нашите обвинители и судии, а толку и од шарената банда. Нема правда, нема мир, нели? Еее, некрофили непрокопсани.