Недоволно содржини, атракции, сместувања, услуга, управување со отпад и придржување до протоколите, се само дел од сегментите што ќе мора брзо да ги подобриме ако сакаме во викендите до крајот на годината да имаме туристи во домашните капацитети.
Сезони веќе не постојат, корона кризата измести се. Падот во секторот е на очекувано ниво и во рамки на европскиот просек од – 67 отсто во бројот на гости и 56 проценти во бројот на остварени ноќевања. Има простор за оптимизам дека зацртаната цел е возможна – достигнување два милиона ноќевања во 2020 година.
Ова го истакнува директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски, во интервју за МИА.
Според Јаневски, во првата половина од 2020 година во македонската економија се влеале 100,7 милиони долари што е намалување од 34,7 проценти споредено со истиот период лани.
Јаневски смета дека државната помош за секторот дојде навреме, а претстојниот четврти пакет мерки не треба да биде линеарен, туку треба да овозможи помош со тоа што ќе го земе предвид остварениот промет во изминатиот трет квартал.
За вистинско закрепнување на туризмот, оценува директорот на Агенцијата, потребно е подобрување на законската легислатива преку воведување повеќе системски решенија кои ќе ги опфатат слабите точки дефинирани за време на КОВИД-кризата, но неопходен е и нов модел на субвенционирање кој нема да базира на квантитет на туристи, туку ќе овозможи долгорочна оддржливост и подобрување на квалитетот на услугата и сместувањето со што би станале конкурентна дестинација во регионот.
-Туристичките места се исполнија со домашни туристи и веќе од втората половина на јули сместувачките капацитети беа максимално пополнети. Притоа, голем број дестинации ги покажаа нашите недостатоци и на површина излезе слабото управување со туристичките дестинации. Бидејќи годинава претежно се потпираме на домашниот туризам, мерењата се во поглед на бројот на остварени ноќевања за кои очекуваме да имаат пад во 2020 година од 30-35 отсто во поглед на минатата година, што би се сметало за успех доколку ги земеме предвид најавите за процентуалниот европски, па и светски пад на туризмот, вели Јаневски.
Тој се согласува дека поради концептот на работа и специфичноста на туристичката дејност, најголем удар претрпуваат туристичките агенции. Немаа, вели, време да се прилагодат на моменталната состојба поради неможноста за патувања и откажувањето на сите дојдовни тури планирани за летната сезона 2020.
На хотелите во градовите и надвор од туристичките места, смета директорот, веднаш треба им се врати туристичката такса од 2019 година како неповратна помош и да се асистира за надминување на кризата со дополнителна поддршка за вработените.
-Хотелите во Скопје, Гевгелија, Битола… работат со капацитет од 10-15% и тука реално треба да се помогне. Четвртиот сет на мерки во туризмот не треба да биде линеарен, туку да овозможи помош со тоа што ќе го земе предвид остварениот промет во изминатиот трет квартал, а тоа ќе се постигне со спроведување на добра анализа за добиените и очекувани ефекти на краток рок, напоменува Јаневски.
Закрепнувањето на туризмот во периодот што следи, треба да базира на неколку столбови.
-Основата треба да биде “зелена” и да овозможи оддржливост на секторот. Во март веќе беше јасно дека ќе биде потребна државна помош на туристичкиот сектор која според мене дојде на време преку три сета на мерки кои примарно имаа цел да ги задржат сите работни места во туристичкиот сектор. Но, за да овозможиме во вистинска смисла закрепнување на туризмот, потребно е подобрување на законската легислатива со воведување на повеќе системски решенија кои ќе ги опфатат слабите точки дефинирани во текот на оваа криза и ќе резултираат до добро регулиран пазар растеретен од сивата економија. Потребен е нов модел на субвенционирање кој нема да се базира на квантитет на туристи, туку ќе овозможи долгорочна оддржливост и подобрување на квалитетот на услугата и сместувањето, овозможувајки да станеме конкурентна дестинација во регионот, заклчувува Јаневски и порачува дека пресуден елемент за одлуката на туристите која дестинација ќе ја посетат во 2021 година, ќе биде сигурноста на таа дестинацијата и можноста да се справи со КОВИД.