Дарко Јаневски
При секоја несреќа, а посебни при вакви, со карактер кој има сила да потресе цела држава и нација, луѓето обично се повикуваат на Бога. Според едни, „така требало да биде“, што во позадина го содржи ставот дека чудни се патиштата Божји поради кои ние не можеме да сфатиме зошто се случува тоа што се случува, други, прекрасни луѓе, свиткани од тага иако несреќата лично не ги погодува, велат дека се молат на Бога да не чува сите нас од вакви нешта, трети дека сите сме во Божји раце па оттука нема што многу да се стори освен да се молиме…
Навистина, зошто се случуваат вакви несреќи? И зошто Бог или Господ го дозволуваат тоа? Зар не е Бог, така како што ни го предава Библијата, зар не е Исус, Господ, носител на љубовта? Проштавај, сврти го другиот образ, нека прв го фрли каменот тој кој не згрешил… Зар не е Бог семоќен? Зар не се молиме затоа во црква, во џамија сеедно каде? Зар не бараме од него да ни помогне, за здравје, за работа, за училиште, за брак, за…? И уште еднаш, навистина, зошто Бог дозволува вакви трагедии? Зошто има војни, зошто се случил Холокаустот, зошто има земјотреси при кои гинат илјадници луѓе, зошто едно цунами како тоа во Индонезија уби за неколку часа 300 000 луѓе? Некои ќе кажат дека Бог не азнува, но зар Бог на љубовта казнува/ Неговиот (полу)брат Јаков, скептик, кој дури по погубувањето на Исус станува вистински апостол, вели дека „Господ не искушува“, па оттука се смета и дека молитвата „Оче наш“ од Евангелито по Матеј во дело кој вели „… и не не воведи во искупение“ е погрешна, токму затоа што ни Бог ни неговиот син не не искушуваат, а не пак да не казнуваат. Од друга страна, зарн, не е Бог тој кој го создал големиот потоп пред Ное, зар не Бог тој кој ги создал Адам и Ева, па ја дозволил грешката со јаболкото, или ако сакате од Новиот завет, зошто по раѓањето на Исус морале да умрат сите деца до две години во Витлеем (иако многу научници не веруваат во вистинитоста на приказната, што ги доведува под сомнеж и остантите текстови)?
Токму поради ова, Барт Ерман, еден од водечките научници во областа на Новиот завет, но човек кој на Библијата и приоѓа пред се од историски, а не од теолошки аспект, вели дека од христијански фундаменталист, човек кому библискиот збор му бил се, станал агностик, односно човек кој не верува во Бог од Библијата:
„За време на еден семестар, додека предавав, бев замолен од студентите да го објаснам проблемот на страдањето во библиската традиција, односно што вели Библијата за тоа – зошто постои страдањето. Накратко, како може Бог да го создал светот во кој има толку многу мизерија, страдање. Ако Бог контролира се, ако Бог е семоќен, ако Бог е љубов, тогаш зошто има страдање? Ова се случи во осумдесетите години од минатиот век и, да бидам искрен, имав проблем да ги убедам студентите дека постои проблем со страдањето. Тие беа добри студенти, но едноставно, многу од нив не се свесни за тоа колку голем е проблемот. Ова се случуваше во текот на големета криза во Етиопија со гладот и една од работите што тогаш ги правев беше да им носам на студентите исечоци од весници со фотографии и текстови, меѓу нив и фотографија на една жена која беше изгладнета до смрт, со дете на нејзината града за кое нема млеко и исто така беше прегладнето до смрт. Поентата беше дека им го покажав тоа на студентите и ги прашав како тоа може да се објасни ако постои Бог кој е одговорен за овој свет“, вели Ерман.
Според него, постојат две поенти кои се наметнуваат од проучување на страдањето во Библијата и дека различни библиски автори се побиваат еден со друг.
Втората поента е дека Библијата не го разгледува страдањето така како што многумина луѓе денес тоа го прават и се обидуваат да си објаснат зошто страдањето постои.
„Од друга страна, ако ве прашам зошто постои страдањето, многумина ќе кажат дека тоа постои заради „слободната волја“ на луѓето (тезата е дека Бог им дал на луѓето слободна волја, и потоа, согласно нивната волја, ги оставил да прават и добро и зло, н.з.). Ова го нарекувам „робот објаснување“ и работите со ова објаснување одат отприлика вака: Ако Бог одлучил да немаме слободна волја, сите ќе бидеме програмирани како роботи и не ќе можеме да правиме што сакаме, туку ќе го правиме тоа за што сме програмирани. Ако сме програмирани да правиме само добро, се разбира, нема да има страдање бидејќи нема да се повредуваме еден со друг“, објаснува Ерман.
Ја познава секоја буква од библиските и од небиблиските текстови за христијанството, ги има прочитано најстарите евангелија и писма на апостолите, го има поминато сите небибислки евангелија, но токму тоа го претворило во скептик: Барт Ерман
Тој додава дека ова обајснување продлжува со презентирање на фактот дека тоа што имаме слободна волја покажува дека не сме роботи и затоа можеме да си чиниме зло еден на друг. Но, вели Ерман, Библијата не го содржи робот објаснувањето.Делумно затоа што во Библијата нема роботи, а делумно зашто Библијата има други објаснувања за тоа зошто постои страдањето. Во Билијата има посочувања дека луѓето можат да се повредуваат, но, истакнува Ерман, како што го проучувал овој проблем со студентите, сфатил дека „робот објаснувањето“ за слободната волја има проблеми:
„Еден од проблемите е што тоа не дава комплетно објаснување за страдањето. Сите се сеќаваме на цунамито што уби 300.000 луѓе. Чија слободна волја го предизвика тоа? Или земјотресот во Хаити кој уби 230.000 луѓе? Чија слободна волја го предизвика тоа? Проблемот со слободната волја е дека не ги објаснува страдањата од природни несреќи Уште повеќе, мислам дека слободната волја има и филозофски проблеми. Повеќето од луѓето кои ги познавам се сметаат за христијани и ја прифаќаат тезата за „слободната волја“ како извор на страдањето. Но тоа се луѓе кои мислат дека кога ќе умрат, ќе одат во рајот. Тие исто така веруваат дека во рајот нема страдање. Оттука, некој би можел да праша, дали во рајот има слободна волја? Ако во рајот постои слободната волја, но нема страдање, тогаш може да се замисли дека може да има свет во кој постои слободна волја и истовремено да нема страдање. Зошто тогаш ние го немаме тој свет со слободна волја, а без страдање?“, прашува научникот.
Оттука според Ерман, очигледно е дека работите не се поставени на тој начин и слободната волја не го објаснува проблемот. Уште повеќе, теоријата за слободна волја не го објаснува тоа што се нарекува теолошки проблем во врска со страдањето. Теолошкиот проблем со страдањето е многу едноставен: ако Бог е семоќен, тој може да прави се што сака. Ако Бог е љубов, тогаш тој не би требало да дозволи луѓето да страдаат. Логично, несреќите во кои страдаат луѓето како кај Карпалак не би требало да се случуваат.
Од друга страна, прашува Ерман, ако Бог може да прави што сака, тој не сака луѓето да страдаат, а сепак, луѓето страдаат. Како да го објасниме тоа? Ете проблем.
„Повеќето христијани мислат дека Бог интервенирал и интервенира во нашите животи со намера да се справи со страдањето. Ако нешто не ни оди ако што треба, ќе се молиме и Бог ќе ни помогне така што ќе го реши проблемот. Ако тоа е така, тогаш зошто Бог не интервенира почесто? Сите сме искусиле страдања и знаеме други кои исто така искусиле страдања. Јас сум искусил, тие што ги знам искусиле. Ракот ги одзема нашите сакани, тинејџери извршуваат самоубиства, има аномалии на бебиња при раѓања, распаднати бракови, бездомници, полиња на смртта во Камбоџа, сиромаштија, глад… Холокаустот – шест милиони Евреи ладнокрвно убиени, геноциди… епидемијата од грип во 1918 година која уби 30 милиони луѓе“, вели Ерман и продолжува:
„Така дојдов до поентата дека ниту Библијата, ниту традиционалните објаснувања не ме задоволуваат во смисла да дадат прифатлив одговор. Библијата има една суштинска црта која е заедничка: верувајте во Бог кој интервенира во нашиот свет. Тоа е основата за традицијата во Стариот завет – Бог ги спасил децата на Израел и втората основа од Новиот завет е дека Исус бил погубен на крстот и воскреснал. Тука е и тоа дека Бог интервенира во нашите животи за да ни стори добро. Зад ова стои убедувањето дека нашите молби даваат резултат – ние се молиме, Бог слуша и интервенира и ни помага. Но тука е контрадикторноста – ако Бог интервенира, тогаш зошто не интервенира? Во нашиот свет, секои пет секунди едно дете умира од глад, секоја минута 25 луѓе умираат поради нечиста вода за пиење, секој час 300 луѓе умираат од маларија… Зошто Бог не интервенира? Сите одговори кои постојат не даваат објаснување кое ме задоволува. Така дојдов до ситуација дека не можам да ги афирмирам основите на мојата христијанската вера. Така станав агностик. Не верувам повеќе во Бог од Библијата. Не верувам повеќе во семоќниот Бог кој интервенира во нашиот свет.“
При тоа, додава Ерман, мојата цел не е да натерам било кого да стане агностик.
„Не сакам да сменам било чии верувања и убедувања. Тоа не е мојата цел, тоа не е моја желба. Мојата цел е да ги натерам луѓето да размислуваат, да ги натерам да бидат потолерантни еден кон друг, односно кон другиот кој има различно мислење. Многу од вас кои сте христијани, ќе се согласите со тврдењето дека Бог ве сака и има некој убав план за вашиот живот. Но дали Бог ги сака сите и дали за сите има убав план за нивниот живот? Дури и за тие кои умираат од глад, за тие кои се смачкани во некоја несреќа, кои живеат во болка, чиј живот е свртен наопаку поради смртта на некој сакан. Дали Бог ги сака гладните, бездомниците, убијците и зошто не стори нешто околу тоа?“, прашува научникот.
Според него, еден од одговорите вели дека Бог сака ние нешто да сториме околу тоа и истакнува:
„Јас апсолутно би се согласил со тоа, доколку верував во Бог. Ние навистина треба да сториме нешто околу страдањата во светот, ние треба да се натераме да сториме нешто, ние треба да работиме да го елиминираме страдањето. Да, апсолутно да. Но тоа не дава одговор за теолошкиот проблем: Зошто Бог не интервенира? Јас не можам да верувам во Бог кој не го прави светиот подобро место. Ако вие верувате во таков Бог, тогаш треба да најдете начин како да ја ускладите вашата вера со реалноста. Ова е најголемото прашање со кое ќе се соочите како христијанин и како човек: Зошто има болка, беда и страдање?“, завршува Ерман во едно од своите предавања.