Поранешниот претседател на Украина Виктор Јанукович, кој беше осуден за предавство во својата земја, а сега се наоѓа во Русија, го повика актуелниот шеф на државата Володимир Зеленски да се откаже од борбата против Русија.

– Вие сте лично должни да го запрете крвопролевањето и да постигнете мировен договор по секоја цена, истакна проруски ориентираниот Јанукович, јави ДПА, пренесувајќи ја изјавата од руски државни медиуми.

– Украина, Донбас и Русија го очекуваат тоа од вас, нагласи Јанукович, додавајќи дека и западните партнери на Украина би го поздравиле таквиот потег.

Јанукович (71) беше соборен од власт во 2014 година од прозападни украински демонстранти и оттогаш живее во Русија.

Во неговата татковина, Украина, тој беше осуден во отсуство на 13 години затвор за предавство. Украинските медиуми неодамна објавија дека Кремљ сака да го врати Јанукович за претседател на Украина.