Фирмата „Тотал Инжинеринг“, во сопственост на Вице Заев, пред две недели, поточно на 24 април, добила концесија за експлотација на минерални суровини на локација во село Дукатино, општина Василево, објави Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
– Оваа концесија ја добива од Владата на Зоран Заев. Значи повторно Заев му дава бизнис на Заев и на тој начин ја шират бизнис империјата како канцер во македонската економија-рече Јанушев.
Тој изјави дека ова е нов скандал со кој што Зоран Заев им овозможува богатење на своите фирми.
– Веќе е познато дека фирмата „Тотал инженеринг“ во сопственост на братот на премиерот Зоран Заев – Вице Заев прави бизнис тежок 4,5 милиони евра по принципот купи-продај земјиште во Струмичката касарна на кое сега градат згради. Со концесијата истата оваа фирма сега добива уште еден вносен бизнис од државата- посочи Јанушев.
Како што наведе Јанушев, за да не биде до толку очигледно во јавноста, одлуката со која се избира фирмата, во име на владата ја потпишал Оливер Спасовски како потпретседател. За оваа точка, ниту владата информираше, ниту ја објави во јавност.
– Ова е одлуката на Владата на Зоран Заев донесена на 24 април 2018 година, а објавена на страна 29 во Службен весник на Република Македонија бр.78 на 2 мај. За да скандалот биде уште поголем Зоран Заев повторно е фатен во лага. Имено кога фирмата на неговиот брат Вице Заев, „Тотал Инжинеринг“ се доведе во корелација со скандалот каде има сомнеж за превоз на јаглен во РЕК Битола, тогаш Заев изјави дека камионите и механизацијата која припаѓа на истата таа фирма донеле одлука да ја продадат. Истиот ден кога го кажа ова, во Службен весник е објавено дека фирмата „Тотал инженеринг“ добила концесија за ископ на глина- рече Јанушев.
Тој запраша како може да ги продале камионите и механизацијата, а истиот тој ден кога ја дава оваа изјава, фирмата на неговиот брат добива уште еден вносен бизнис за ископ на глина? Исто така запраша дали обвинителството не гледа во ова сомнеж за криминал и злоупотреба на службената позиција?