Повторно огромен скандал од страна на власта! Овој пат од страна на законодавниот дом. Талат Џафери, во име на Собранието на Република Македонија вчера одби да номинира набљудувачи кои ќе го следат референдумскиот процес.
Ова денеска го изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
– Власта со ваквите чекори фрла огромна црна сенка врз декларативните заложби за фер и демократско изјаснување на граѓаните на претстојниот референдум. Имено, ДИК согласно закон, испрати барање до Собранието на Република Македонија, истото да номинира набљудувачи кои ќе го следат референдумот, за што Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ официјално побара од Џафери да номинира набљудувачи. Не треба да се потсетува дека станува збор за едно од најважните прашања за Македонскиот народ. Станува збор за гласање на кое фалсификувањето на избирачката волја на Македонскиот народ, ќе значи дефинитивно бришење на идентитетот и вовед во фалсификување на Македонската историја, традиција и култура. Џафери и покрај намерата на ВМРО-ДПМНЕ, испрати известување до ДИК дека Собранието нема да номинира набљудувачи. Собранието – кое е овластен предлагач и орган кој го отпочна самиот процес на референдумот, вчера со одлука на Талат Џафери се стави надвор од можноста да врши контрола на законитоста на целиот процес и остави простор за секакви сомнежи во исходот. Ако Џафери и мнозинството не ги интересира ова прашање, тогаш што е нивниот приоритет, праша Јанушев.
Тој истакна дека набљудувачите се гаранција за законитоста на референдумот.
– Со овој чекор на Џафери се отвора огромен сомнеж за намерите на власта да организира законско и демократско референдумско изјаснување. Власта мора да одговори кому му пречи законски референдум без никакви дамки? Зошто не им се дозволува на парламентарните партии преку Собранието да номинираат набљудувачи? Кој се плаши од поголем број набљудувачи и зошто? ВМРО-ДПМНЕ бара од ДИК во најкус можен рок – уште на денешната седница да изврши измена во Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори за референдумот. Бараме со измените да се овозможи набљудувачи да присуствуваат при целокупниот процес на референдумското изјаснување, вклучително и сумирањето и утврдувањето на резултатите. Очекуваме со измените да се даде можност и за пишување на соодветни приговори без ограничувања кои ги има во моментов согласно со член 4 став 3 од истиот Правилникот, изјави Јанушев.
ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, инсистира овој предлог да биде усвоен уште на денешната седница на ДИК, со цел остварување на демократски и слободен процес на изјаснување на референдумот.
– Власта секојдневно зборува за европски вредности и принципи, но на дело се однесува крајно недемократски и тоталитарно, без никакво почитување на основните демократски права. Во недела не очекува историски ден. Ден на кој што Македонскиот народ ќе одлучува дали ќе се откаже од сопствениот идентитет, од сето наследство за кое што генерации пред нас ги положувале своите животи. В недела македонскиот народ ќе одлучува дали името Македонија, традицијата, историјата и културата ќе ги остави на идните генерации или со поддршка на договорот на Заев, со еден потег ќе избрише и ќе се откаже од се што е Македонско. Поддршката на договорот е поддршка за амнестија и покривање на криминалите на Заев. Поддршката на договорот е поддршка на капитулантската политика и прифаќањето на грчките црвени линии, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Јанушев рече дека никој не му дал право на Заев да се коцка со се што е македонско и да го става како влог Македонскиот народ.
– Ние веруваме во мудроста и достоинството на Македонскиот народ и апелираме граѓаните да не потпаѓаат под манипулациите на власта, туку да постапат онака како што мислат дека е најчесно кон нив, кон нивните предци и нивните потомци. Веруваме дека граѓаните, за разлика од Заев не се подготвени да си го продадат достоинството за награда од неколку илјади денари или закана од губење на работното место, рече Јанушев.