Денешната прес конференција требаше да биде посветена на основаните сомневања за нелегалното следење на комуникации и злоупотребите кои се прават од безбедносните служби, министерството за внатрешни работи и ЈО, а за кои власта упорно молчи. И колку и да е страшен и голем тој скандал, ништо не е пострашно и поголемо од трагичниот крај во случајот со младата Вања и грозоморното двократно убиство, истакна Игор Јанушев, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
-Дозволете ми да изразам најдлабоко сочувство до семејствата на младата Вања и Панче. Бог да ги прости.
Оваа прес конференција се однесува на неодговорените прашања за овој случај и за потребата од одговорност на човекот чие име повеќе од 8 години се врзува со криминал, корупција и неспособност – Оливер Спасовски. Додека Оливер Спасовски организираше Самит во Скопје и се фалеше дека ја гарантира безбедноста на учесниците, рекетарско -криминална група од неколку членови харала низ Скопје и убивала невини луѓе, убија дете!
Главните и суштински прашања за Спасовски се – кога истрагата дознала за извршителите на грозоморните убиства и дали криеле и не преземале ништо заради самитот на ОБСЕ? Зошто полицијата на Спасовски реагирала предоцна? Дали е нормално за ваков траорен настан да ја информираат јавноста за трагичните настани преку бледо соопштение во 21 часот во недела – што кријат и за што им требаше време од објавување на веста до одржување на прес конференција?
Во СВР Скопје официјално е заведено дека станува збор за Палчо уште пред 5 дена! Зошто 5 дена не биле преземени никакви дејствија во однос на таа информација?!?
Како може неколку дена да има исчезнато лице со неговото сопствено возило, кое потоа убијците го користат за киднапирање на друго лице и со него вршат ново кривично дело – киднапирање и убиство?
Каде му е на Спасовски „Safe City“ системот, кога возилото на исчезнатиот велешанец со денови се наоѓало во Скопје?
Извршителот на убиството е поранешен висок функционер во партијата на Спасовски, претседател на градската организација на СДС. Исто така, познато е дека подолго време беше дел од јавна рекетарска група која во јавниот простор тргува со влијание и работи преку користољубие, а политичката партија му беше само параван за се она што го прави. Зошто власта предолго го толерираше ова однесување? Спасовски и СДС да одговорат дали ваквите групи ги стимулираат и користат за нивни лични потреби, а подоцна ги толерираат се додека не се случи ваква трагедија каде што животот го загуби невино дете?!?
Недозволиво е 8 години ова раководство на МВР кое овозможува и соучествува во неказнивост и релативизирање на криминалот секој нареден ден после огромните трагедии пак да е власт во Македонија. Токму нивното раководење со институциите доведе до вакви ненормални и недозволени појави во општеството.
За недела дена од денес, Оливер Спасовски пак ќе облече елече на СДС и „рамо до рамо“ со другите како него бесрамно ќе бара поддршка од граѓаните.
Нема скандал кој не се случи во овој негов мандат. Среде хотел во Скопје криминалци, меѓу кои и полицајци се пресметуваа со огнено оружје. Се убива секаде низ улиците на Скопје, во центарот на градот, по трговски центри. Јавна тајна е дека истите тие криминалци работат за изборите за владејачките гарнитури. Се делеа пасоши на криминалци од балканското и европско подземје, се случуваа сомнителни набавки на софтвери и милионски тендери, скандали со прислушкување и нелегално следење на комуникации … криминалци поминуваа неказнети кога избркаа полицајци од полициска станица во Арачиново и редица други скандали.
Спасовски е срам и брука за полицијата! Бараме Спасовски да си поднесе оставка веднаш. Неговото име е синоним за скандали и криминал.
Оставка веднаш за министерот кој е другар на криминалот. И бараме како ВМРО-ДПМНЕ, како политичка партија конечно неспособните од власта да се сетат и да прогласат ден на жалост, додава Јанушев.