Почитувани претставници на медиумите,
Велат ако не се бориш, веќе си загубил, решеноста да се бориш значи половина добиена битка.
ВМРО-ДПМНЕ одбра борба против оваа власт, влезе во битка за Македонија, во моменти кога на власт се наоѓа неодговорна, криминална и неспособна политичка елита.
Денес се случува вистинска драма. Структури на власта, и структури кои одработуваат за оваа власт вршат жестоки уцени, закани и притисоци врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Подобра Македонија.
Собранието на Република Македонија се претвори во пазар, и арена на притисоци, закани и уцени.
Денес добива совршена смисла се она што се случуваше во изминатата година ипол. Во Македонија се апсат луѓе заради политички прогон, а денес се пробува да се тргува со нивната слобода. За возврат се бара поддршка на уставните измени произлезени од договорот со Грција.
Се ветуваат парични награди за послушните, а доколку не се прифати, се местат сведоци, се креираат случаи. Се врши влијание врз блиски роднини на пратениците, се врши заплашување. Политичкото обвинителство да обвинува, политизираното судство да суди, а Заев да договара, товари или ослободува луѓе.
Ќе споменам неколку примери, на еден пратеник му се понудени 1 милион евра за да гласа за договорот, истите се одбиени, на друг пратеник му се понудени 2 милиони евра, на трет 250 илјади евра. Сето ова е одбиено бидејќи достоинството нема цена, се работи за нашата татковина.
Дополнително се активираат полициски структури, структури на безбедносните служби, а околината на самото Собрание е под опсада на ликови со бричени глави кои се познати на подземјето.
Господине Заев има ли алал во ова?
Дали сте свесен господине Заев што правите и во каков амбис ја водите државата?
Тргнете ги рацете од волјата на народот и оставете пратениците слободно да одлучуваат.
Никаде во светот нема киднапирано Собрание и расправа која ќе се закаже се додека се постигне потребното мнозинство за кое власта решило дека мора да се постигне. Ова е невиден преседан.
Се ова ќе ви се врати како бумеранг, ова не се демократски вредности, ова не е за Европска Македонија за која наводно се боревте, ова е диктатура на неколкумина врз мнозинството.
Ова што Заев денес го нарекува обиди за создавање на мнозинство, во реалноста е насилие, насилие токму врз македонскиот народ.
Во Собранието повеќе од присуството на Зоран Заев е потребно присуството на јавното обвинителство кое мора веднаш да преземе мерки, и да се испитаат сите наводи за противзаконско и противуставно работење, сите закани, сите уцени, и притисоци.
Дозволете во оваа прилика да им одадам признание на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија кои не подлегнаа на притисоците и заканите, кои во овие моменти се стожерот врз кој се потпира волјата на граѓаните, вие сте последната брана пред оваа налудничава и недемократска Влада и наша заедничка обврска е да опстоиме. И ќе опстоиме. И ќе победиме.
И само за крај,
г-дине Заев – Вашата злоба и насилство не е поголема од нашата љубов кон Македонија. Тргнете ги рацете од волјата на народот и оставете ги пратениците слободно да одлучуваат.
Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ