Синоќа беше нападнат и кукавички каменуван централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, инфрмира генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.

-Нападот на ВМРО-ДПМНЕ е акт на насилство и вандализам, но и напад на сите оние кои ги штитат македонските национални интереси. Индициите за ова говорат дека одговорни за ваквиот напад се структури биски до власта, по принципот на Шарената револуција. На што го темелиме ваквото убедување? Веќе подолг период ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека власта предводена од Зоран Заев има насилно сценарио спроведувано од свои инсталации и полициски структури чија цел е да го турне ВМРО-ДПМНЕ во насилство како би можело полесно да се делегитимира нашата борба против капитулацијата на Заев во договорот со името, истакна Јанушев.

Тој оценува дека власта преку овие и слични провокации посакува нов 27-ми април каде Заев би се прикажал за жртва, а ВМРО-ДПМНЕ би била оцрнета.

-Првиот  таков неуспешен пример беа насилните протести пред Собранието, каде за жал, колатерална штета беа недолжни граѓани, жени и деца. Тоа е целта и на вечерашниот напад за кој е многу веројатно дека ќе сака да се прикаже како наводно незадоволство на незадоволниците од ВМРО-ДПМНЕ, а впрочем вистинската одговорност лежи во оние кои ја имаат власта. ВМРО-ДПМНЕ има прецизни информации за оперативци од полициските структури кои финансираат и подбуцнуваат насилство кое треба да се насочи кон ВМРО-ДПМНЕ, истакна синоќа Јанушев.

Генералниот секретар вели дека ВМРО-ДПМНЕ има информации дека во ова се вклучени и лица од раководството на СДСМ.

-Впрочем, на сето ова претходело и средба во едно од скопските кафулиња каде лица од СДСМ биле во друштво со лица со дебело полициско досие, при што биле стимулирани да предизвикаат насилство. Ова е вистинското диктаторско лице на Зоран Заев. Во негови раце е и полицијата, судството и сите механизми, да го спречи сето ова и да ги открие сторителите. Ова е сериозен удар на демократијата. Ова е удар на демократските процеси каде главната опозициска партија е под напад. Овој начин на функционирање е препознатлив само во африканските диктатури, истакна Јанушев.

Според него, ова е сериозен доказ дека власта ја губи контролата.

-Очекуваме жестока реакција и од меѓународната заедница која на дело може да види како функционира картелот на власт. Сега ќе се обратам до оние кои јалово се надеваат дека ќе не втурнат во сценарио од кој што бенефит би имале оние кои ја распродаваат државата на економски и политички план:  Ние сме В М Р О! И треба да  знаат дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се поколеба ниту милиметар во своите ставови во однос за договорот за името. Овој чин не прави поупорни и похрабри …  поупорни и похрабри да истраеме во нашето право да се спротивставиме со сите демократски средства на овој договор, рече синоќа тој.

Јанушев ги повика сите  членови да се воздржат од било какви провокации од страна на власта.