По постигнувањето на договорот со Грција, министерката за одбрана Радмила Шекеринска испрати писмо до министрите за одбрана на 29-те земји членки на НАТО, во кое од нив бара поддршка за Македонија, на Самитот на алијансата во јули, да добие покана за членство во НАТО. Со дел од нив Шекеринска имаше и телефонски разговори во кои и беа пренесени честитки за постигнатиот договор и беше изразена поддршка за членството на Македонија во НАТО.

Во писмото до своите колеги во Алијансата, Шекеринска наведува дека „по постигнувањето на историскиот договор околу спорот за името со Грција, таа пречка за нашата евроатлантска интеграција е отстранета“.

„Ја барам вашата поддршка за Македонија да добие покана за полноправно членство во НАТО на претстојниот Самит. Беше потребна храброст, лидерство и дипломатија за да се постигне оваа цел – од двете страни. Нашиот народ е обединет и недвосмислен во желбата да станеме дел од НАТО и ЕУ, со доследна поддршка од повеќе од 75 отсто од нашите граѓани“, пишува министерката.

Шекеринска телефонски разговарала со министерката за одбрана на Германија, Урсула Вон Дер Лејен, со италијанската министерка за одбрана, Елизабета Трента, и со романскиот колега, Михаи Виорел Фифор, кои и ја пренесоа поддршката за покана за Македонија на јулскиот Самит во Брисел, за членство во НАТО. Претходно, на почетокот на неделата, министерката имаше телефонски разговори со министрите за одбрана на Словенија, на Хрватска, на Бугарија и на Црна Гора кои и ја пренесоа истата порака.