Со претставници од Македонија, со пораки за Македонија и со инцидент пред почетокот, помина седмата Парада на гордоста во Солун.

Како и во изминатите години така и сега, но и како што најавија организаторите пред две седмици, во разговор со дописничката на МИА од Атина, за време на Парадата на гордоста во грчката престолнина, Македонија и сега беше дел од маршот по централните улици на Солун.
Според објавените фотографии од солунските медиуми, со развиорени македонски знамиња, претставниците од Македонија парадираа на седмата Thessaloniki pride.

Дел од учесниците одбраа на свој начин да го коментираат ставот на одредени Грци дека Македонија е грчка.

– Македонија не е грчка, е хомосексуална, пишуваше на телото на девојка, учесничка на парадата.

Како што јави дописничката на МИА парадата во Солун помина масовно и заврши мирно, а ја одбележа и инцидентот што се случи кусо пред почетокот.

Две лица, 45-годишен Грк и 36-годишен Италијанец биле нападнати од група непознати лица, а по вербалниот напад, следел и физички, кога двете лица биле фрлени во морето. Според локалните медиуми, еден од двајцата имал знаме со боите на виножитото и постои сомневање дека станува збор за хомофобичен напад.

Гркот и Италијанецот, не биле повредени, а случајни минувачи помогнале тие да бидат извлечени од морето.

Инцидентот се случи кусо пред почетокот на парадата, а пред завршувањето полицијата привела четири лица за кои се сомнева дека стојат зад нападот.