Јапонија ќе испрати во Украина гас-маски и соодветна облека за заштита од хемиско оружје, соопшти денеска јапонскиот министер за одбрана Нобуо Киши.
Испораката е на барање на властите во Киев кои стравуваат дека Русија во своите воени активности во Украина би можела да употреби и хемиско оружје.
– Продолжуваме да даваме колку што е можно поголема помош за украинската Влада, рече Киши додавајќи дека Јапонија дополнително ќе испрати и извидувачки беспилотни летала за потребите на украинската одбрана.
Јапонија претходно за Украина испрати заштитни елеци, шлемови и зимска облека.
Како дел од санкциите воведени кон Москва од денеска во Јапонија стапува на сила забраната за забраната за увоз на 38 производи од Русија, вклучително и вотка и производи од дрво.
Забраната се однесува само на еден процент од увозот од Русија, објави јапонската новинска агенција „Кјодо“.
Токио во моментов соработува со Западот на воведување построги санкции.