Јапонија најверојатно ќе се приклучи на западните санкции против Русија, вклучително и забрана за извоз на електронски чипови и други високотехнолошки производи во земјата, доколку рускиот претседател Владимир Путин нареди инвазија врз Украина, пишува весникот „Јомиури“.
Одлуката на третата светска економија да им се придружи на американскиот сојузник и другите членки на Г-7 во заканата од економски санкции, доаѓа откако Путин им нареди на своите војници да влезат во сепаратистичките региони во источна Украина кои Русија сега ги признава како независни држави.
Забраната за извоз на јапонска технологија во Русија би била поширока од онаа воведена во 2014 година по анексијата на украинскиот полуостров Крим, а Токио, исто така, размислува за воведување санкции врз руски банки, објави „Јомиури“.
Јапонските власти се уште не ја коментираа информацијата.
Јапонија во минатото зазеде помек став кон Русија отколку САД, а голем број јапонски лидери се обидоа да разговараат со Путин да ги врати во Јапонија северните острови окупирани по Втората светска војна. Јапонија е, исто така, главен купувач на руски гас.