Jас да сум на местото на Зоран Заев би ги напуштил преговорите со Бугарија, бидејќи нивните барања се потполно неприфатливи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во „Што не е јасно“ на Алфа ТВ.

– Апсолутно би ги напуштил преговорите и би го напуштил самиот договор, бидејќи ваквиот договор не нуди решение, туку создава дополнителни проблеми. Замислете што ќе се случува  во регионот во иднина кога ќе треба и другите земји да стануваат земји-членки на ЕУ. Зарем вака ќе се уценуваме? – рече Мицкоски.

Ние постојано губиме и ништо не добиваме, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Со Борисов не комуницирам се слушнавме во мај и тогаш си префрливме еден на друг за тоа како го гледаме решението за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. До месец април, до кога се изборите во Бугарија, официјална Софија ќе тренира жестокост врз Македонија – рече Мицкоски.

– Пред некој ден слушав изјави од Заев, од Шекеринска и од другите политичари на СДСМ, кои во минатото ветуваа прием во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ без промена на уставното име. Што се случи во меѓувреме? Ние денес имаме насилна, талибанска власт. И ништо друго не добивме – посочи Мицкоски.

Според него, Заев ги распродава идентитетските обележја.

„Таа е вистинската, вистина која што ја живее секој просечен Македонец и тоа го чувствува. Е, сега ако сакате јас да не ја говорам вистината или да лажам, тогаш можам да се умилкувам, додворувам, коленичам пред нашиот источен сосед или пред другите соседи, или пред некои други бриселски авторитети. Но, тоа е според она што јас го гледам и го чувстувам и го добивам од граѓаните како нивна перцепција за реалната ситуација“, појасни Мицкоски.

Мицкоски додаде дека власта македонските граѓани ги понижи, промени име на држава и смени Устав, а сето тоа го направи надвор од волјата на граѓаните.

„Го уништивте кредибилитетот на законодавниот дом, со оние трговии, пратеници носени да грасаат, неносени, ослободувани од притвори. Направивме се што буквално се бараше и ветувано тогаш беше дека приемот во НАТО не се доведува под знак прашање но исто така и започнувањето на преговорите, за да денеска слушаме од истите тие луѓе изјави или барем дел од тие луѓе, дел се срамат што ете ја живеат оваа реалност, дека треба сега уште ова да се направи. А, откако тоа ќе се направи тогаш веќе готово ќе не примеле или ќе сме отпочнале преговори. А, јас сум убеден дека потоа ќе излезе нешто друго, нешто трето итн“, истакна Мицкоски.