Податоците од црните кутии на Боинг 737 Макс 8 на Етиопиан ерјалнс, што се урна во Етиопија пред една недела покажуваат „јасна сличност” со падот на индонезискиот авион од ист модел во октомври. Тоа го соопшти денеска етиопската министерка за транспорт, Дагмавит Могес.

-Црната кутија за снимање на параметрите на летот покажа „јасни сличности” меѓу несреќите на двата авиона од истиот модел, рече Могес на прес-конференција. Таа истакна дека „црната кутија“ е во добра состојба.

Прелиминарниот извештај за причините за несреќата ќе биде објавен во рок од 30 денови, додаде министерката за транспорт на Етиопија.

Сите 157 патници загинаа откако авион на Етиопијан ерлајнс „Боинг 737 Макс 8“, летајќи од Адис Абеба кон Најроби, се урна кратко време по полетувањето на 10-ти март.

Безбедносната анализа на новиот систем за контрола на лет, имплементиран од Боинг, во моделот 737 Макс, имала неколку клучни пропусти, објави денеска Сиетл Тајмс.

Како што објаснува весникот, цитирајќи актуелни и поранешни инженери во американската федерална администрација за воздухопловство, безбедносната анализа на системот за контрола на лет, наречена Систем за проширување на карактеристиките на маневрирање, ја потцениле моќта на тој систем.